Белгиската поетеса Руна Светликова е добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП

Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата едногласно ја донесе одлуката за наградата „Мостови на Струга“, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, во 2016 година да ѝ се додели на Руна Светликова, поетеса од Белгија, за нејзината дебитанска книга „Оваа мека бела соба“.

Во образложението за наградата е потенцирано дека наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитанска книга, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, во изминатите години се избори за високо место меѓу поетските награди на светско ниво и стана една од најпосакуваните награди на поетите – дебитанти, која широко им ги отвора понатамошните патишта на творечка афирмација.

Тоа го покажа и годинашниот интерес за неа и на адреса на СВП пристигнаа 21 книга од 17 земји. УО и дирекцијата на СВП констатираа дека пристигнатите книги се со исклучителен квалитет и дека конкуренцијата за наградата во 2016 година е на највисоко ниво од самото востановување на наградата.

Од пристигнатите книги по своите поетски остварувања се издвоија книгите „As the Verb Tenses“ на Линли Едмеадес од Нов Зеланд, „Padded White Room“ на Руна Светликова од Белгија, „Bone Map“ на Сара Елиза Џонсон од САД, „The Blank Chorus“ на Хуан де Фроно од Колумбија и „Noctario“ на Габриел Говеа Акоста од Мексико.

Беше констатирано дека сите книги се зрели остварувања на автори, со високи уметнички и естетски вредности. Управниот одбор одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга, која ја доделуваат СВП во соработка со УНЕСКО, да ѝ се додели на Руна Светликова за автентичниот поетски ракопис во „Оваа мека бела соба“.

„Поетската книга на Руна Светликова е дебитантско ремек-дело кое содржи зрели песни кои навестуваат творечка појава која ќе биде неодминлива и во белгиската/фламанската, но и во целокупната европска, па и светска литература. Оваа награда ќе биде дополнителен поттик во нејзиниот творечки развој и придонес во распространување на поетските вредности на нејзиното творечко остварување за кое и е доделена“, нагласи Славе Ѓорѓо Димоски, претседател на УО на СВП.

Руна Светликова (Белгија, 1982) е поет, писател и графички дизајнер. Дебитирала во 2014 година со поетската книга „Оваа мека бела соба“, за која ја добила наградата „Херман Де Конинк“ (2015) за дебитантска книга, а била во најтесниот избор наградата „К. Будинг“ (2015), како и за „Пернат“ (2015), а во конкуреција е и за Поетската награда „Џо Петерс“ за 2016 година. Редовно организира поетски читања и помали фестивали. Пишува на фламански јазик.

Уште на прв прочит се согледува дека „Оваа мека бела соба“ е книга со строга композиција, дело на автор кој поседува голема умешност и во самото пеење, но и во структурирањето на песните. Песните во оваа книга, иако можат да функционираат одделно, подредени во одделните циклуси коплементарно се надополнуваат, и како такви даваат ново рамниште на значења во една повисока структура.

Оттаму се добива впечаток дека поетската книга на Руна Светликова е дебитантско ремек-дело. Потврда за тоа е што оваа поетска книга веднаш се најде во потесните избори за најзначајните награди во Белгија и Холандија, при што таа е веќе добитник на некои од нив.

Зрелоста на нејзината поетика се огледа и во нејзините размисли за тоа кое е нејзиното место како творец. За неа поезијата е „средство за контрола над она што е неконтролибилно, со пенкало како оружје и лупа како штит“. Во творештвото тргнува од обични, навидум безначајни нешта, би се рекло, пишува за сѐ: „Она што ќе го прочитам во списанија за психологија и наука, или нешто што ќе видам: еден човек во костум и жолти патики… Сепак, главното што ме инспирира се луѓето: слабостите и неврозите, убавина во грдотијата, смртта на татко ми … “, ќе изјави во една прилика.

Во нејзината поезија таа не бара одговори, туку начин како правилно да ги постави прашањата. Руна тежнее да направи јазик со кохерентна реалност. Таа користи полу-автобиографски детали во нејзината поезија со цел содржината во песните да биде поискрена. Песните на Светликова се лични во секоја смисла на зборот. Содржат еден сопствен идиом кој допадливо и пријатно е помешан со терминологијата од физиката и генетиката.

Нејзината поезија осцилира меѓу значајното и бесмисленото. Нејзините повеќекратни потрети на „стварноста“ во одделните кои тргнуваат од нешто што е навидум значајно, суштинско, се превртуваат од аспект на бесмисленото во директните формулации со кои тоа се претставува. Врз едни такви комични позадини Руна го истражува отуѓувањето кое го чувствува детенцето при раѓање, тешкотијата да се одржи љубовта без да се знае дали воопшто таа и постои и потребата да му се вдахне глас на мртвиот татко.

Руна Светликова е 13-от лауреат на „Мостови на Струга“ и со тоа влегува во листата на млади поети, добитници на оваа престижна награда. Со нејзината креативност, автентичен и непоколеблив глас, таа и понатаму ќе придонесува во светот на поезијата, известија од Струшките вечери на поезијата.

Runa Svetlikova cover -1200x630bf Runa Svetlikova full