Нови 15 дела од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“

Петнаесет нови наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, која има исклучително културно, научно и општествено значење за нашата средина и кој иницира една долгорочна мисија за развивање и подигање на нивото на општата интелектуална култура во државата, беа промовирани денеска во Археолошкиот музеј на Македонија.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека „Врвовите на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ ги сублимираат најзначајните сознанија на општествената и хуманистичката мисла од антиката до денеска и во тој контекст овој проект има повеќекратна корист за пошироката читателска јавност кај нас, но, и за студентите, постдипломците и докторантите на Филозофскиот факултет и другите сродни факултети од хуманистичките науки.

„Стоте книги од проектот кои досега ги промовиравме и овозможуваат на македонската стручна јавност и студентите уникатна можност за користење на богатата продукција на дела кои се создадени во рамките на научната дејност на најреномираните британски, американски и германски универзитети. Ова се дела кои извршиле пресудно влијание врз развојот на психолошката, историската и филозофската мисла и од тука, тие ќе имаат клучно влијание и врз развојот на македонската наука, култура и високо образование“, посочи Канческа Милевска.

Овие книги, нагласи, имаат фундаментално значење, тие се неизоставна литература во областа на која се однесуваат. Потенцира дека меѓу новите наслови се седум дела од областа на филозофијата, пет од областа на историјата и три наслови од областа на психологијата.

„Збирката на референтна литература од областа на филозофската наука од денеска ќе биде збогатена со томовите 8 и 9 на капиталното издание „Историја на филозофијата“ на Фредерик Коплстон. За македонската стручна јавност од особено значање ќе биде и преводот на делото „Кризата на европските науки и трансценденталната феноменологија: вовед во феноменолошката филозофија“ од Едмунд Хусерл“, рече Канческа Милевска.

Нагласи дека меѓу делата се и изданијата „Новата историја на западната филозофија. Античка филозофија“ – том први од Ентони Кени, делото на најзначајниот германски мислител од 15 век, Никола од Куза „За наученото незнаење“; „Говорни чинови: есеј за филозофијата на јазикот“ од Џон Серл, како и книгата „Трагичното чувствување на животот“ од Мигел де Унамуно.

Меѓу новите наслови се изданието „Смрт и егзил: етничко чистење на османлиските муслимани, 1821-1922 година“ на американскиот историчар Џастин Меккарти. Тука се и делата „Грчко-македонското прашање: граѓанската војна и политичката историја на Југоисточна Европа, 1945-1992“ од Адамантиос Скордос во кое авторот пред пошироката читателска јавност ги афирмира македонските институции во Егејскиот дел на Македонија за време на Втората светска војна и граѓанската војна во Грција, како и постоењето на посебен македонски јазик, култура и народ“, истакна Канческа Милевска.

Ги издвои и насловите од областа на психологијата, ремек-делата „Толкување на соништата“ на таткото на психологијата Сигмунд Фројд, што предизвика своевидна психоаналитичка револуција, потоа делото за креативноста на следбеникот на Фројд, Ото Ранк, како и импонзантното издание кое е една од најчитаните книги на 20-тиот век „Човечката потрага по смислата“ од Виктор Франкл.

Продеканот на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Аница Драговиќ порача дека учењето и образованието се императив за секое општество и отипретендираат услови за мир.

Образованието создава одговорни граѓани во глобалниот свет, а токму учењето од најдобрата литература помага во тоа“, рече Драговиќ.

Промоторот на новите изданија проф. д-р Виолета Ачковска порача дека новите изданија на едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ претставуваат 15 нови високи видици и достигнувања на светската филозофија, историја и психологија.

На промоцијата присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој по промоцијата изјави дека проектот оди со добра динамика поради што,како што кажа, со задоволство го следел, го следи и ќе го следи и во иднина.

„Ова е едиција која своевремено заедно со министерката за култура ја промовиравме како мошне значајна зашто од областа на историјата, филозофијата и психологијата немаше доволно преведени дела, книги и учебници. За тоа беше формиран специјален редакциски одбор од стручни лица кои по долга анализа ги одредија делата кои треба да бидат опфатени во едицијата“, изјави Груевски.

Тој посочи дека едицијата има вкупно 366 дела од кои досега заедно со новите 15 има вкупно 115 преведени, испечатени и дистрибуирани дела низ библиотеките, универзитетите и установите ширум Македонија.