Обраќање на претседателот Иванов до граѓаните на Македонија

Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов до граѓаните на Република Македонија

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Нашата држава речиси две години се наоѓа во длабока политичка криза. Најдлабока политичка криза досега која од ден на ден се продлабочува. Дури ни распишувањето на изборите не е доволна гаранција дека кризата набрзо ќе се реши и ќе заврши, колку и сите ние тоа да го посакуваме.

Во овој период се обидував во неколку наврати да помогнам, да се вклучам во решавањето на оваа криза. Но, едната од двете спротивставени страни не покажа волја и интерес за мое вклучување и инсистираше разговорите да се водат исклучиво под покровителство на меѓународниот фактор во земјата. Немајќи избор, ја прифатив таа нивна одлука, иако мислам дека не е добра за земјата. Кога некои од надвор ви ги решаваат домашните проблеми, тоа лошо говори за самите вас. И нормално е, при тоа решавање или помагање, тие секогаш да се водат пред сѐ од своите интереси. Но, со сила може нешто да се земе, а не може да се даде. Моето понудено посредништво не беше прифатено.

Сепак, тоа не беше причина внимателно да не ги следам и анализирам настаните, кои од ден на ден се влошуваат. Некако се дојде и до распуштање на Собранието, но најголемата опозициска партија најави бојкот, што повторно е лошо за земјата.
Моите анализи одат во следните насоки:

1. Ова што ѝ се случува на Македонија не е наша игра. Ова е туѓа игра.

Нелегално да се снима целиот државен врв, новинари, медиуми, дипломати и сето тоа потоа како фабрикуван материјал да се стави во рацете на еден човек, со силна поддршка да го користи тоа, и сѐ што се случуваше потоа, јасно укажува дека некој друг сериозно има замешано прсти во креирањето на оваа криза. Впрочем, Македонија не е ни прва, а веројатно ни последна држава на која ова ѝ се случува.

2, Ова што ни се случува не е во интерес на никој во Македонија. Ова е нечиј туѓ интерес. Ваквата криза никому не му помогна во земјата. Ниту на власта, ниту на опозицијата, колку и да се имаше такви очекувања. Но оваа криза сериозно ѝ наштети на Македонија и на сите наши граѓани. И наштети на угледот на земјата, и наштети на забавувањето на реформите и напредокот, на фокусираноста на стратешките цели за членство во ЕУ и НАТО, и наштети на економијата, на продлабочувањето на поделбите во секоја пора на општеството, на радикализација на политичките структури, на деструкција која веќе никој не може да ја контролира или претпостави. Никој не може да ме убеди дека оваа криза е интерес на Република Македонија.

Оваа криза е за нечиј туѓ интерес. За нечии туѓи цели и интереси. Некој кој сака нешто да постигне. Некој кој сака преку завојуваните политичари, политички лидери и нивни поддржувачи, да оствари своја цел.

3. Сето она што се случуваше во изминатиов период, резултираше со досега невидена политичка конфронтираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување. Бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа, работите отидоа толку лично и далеку, си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки, што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства, само да не бидат поразени на следните избори, затоа што не знаат до каде ќе оди другата страна во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата. Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот. Сево ова веќе станува за многумина неиздрживо, сѐ повеќе наликува на борба до истребување. Се плашам дека Република Македонија може да почне да наликува како онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери, што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации. Да се потсетиме дека и тогаш тие беа поттикнати од надворешни фактори.

4. Се распушти Собранието. Опозицијата објави бојкот на изборите и формирање на фронт за слобода. Ова значи дека ќе се оди и на попречување на одржувањето на изборите. Имаме техничка влада со ограничени овластувања. На раб сме на кризна состојба. Работата е заплеткана до бескрај и никој не може да ја отплетка, дури ни водствата на партиите, ниту пак претставниците на меѓународната заедница. Ниту Пржинскиот договор, ниту распуштањето на Собранието не ги намали тензиите, напротив ги зголеми. Никој никому не верува. Секој мисли дека другиот му подготвува нешто зад грб. Ако се остави само по себе да се отплеткува вака заплетканиот јазол, ќе поминеме како заложници во долгогодишна политичка криза, на која не може да ѝ се предвиди крајот. Сериозно се доведува во прашање потребата од мирна изборна кампања и мирен изборен ден. Ако пак тоа не се случи, државата и сите граѓани ќе имаат долгорочни последици. Се плашам дека навистина граѓаните можат да стават крај на кризата со следните избори.

5. Доаѓаат месеци и години кога политичарите, независно кој од нив се на власт, а кој во опозиција ќе се занимаваат со сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот и јас не сакам да дозволам ниту оние кои ќе бидат во власта, ниту оние кои ќе бидат во опозицијата, да носат одлуки, а да се истовремено оптоварени и под личен притисок од можноста неправично да бидат уценети, да се соочени со лична закана за својата слобода, чест и углед, иднина или каква било уцена од некој надворешен или внатрешен фактор. Можеби и токму заради таква цел, некој ја предизвика и оваа ситуација. За да можe да влијае врз нив или дури можеби и да ги контролира нивните одлуки, се разбира пред сѐ во свој интерес.

Почитувани,

Од овие причини со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни.

Таквата одлука ја донесов и ја потпишав денес. И стојам зад неа. Во одлуката пишува дека стапува во сила веднаш.

Почитувани,

Во однос на оваа одлука сакам да информирам за неколку работи.
– Не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државниот и националниот интерес. Меѓу опфатените има и многу мои политички поддржувачи, но и многу мои политички противници. Но, не поаѓам од моите лични позиции, туку од државните интереси.

– Никого од опфатените во овие одлуки не информирав, или на кој било начин не му најавив или, пак, побарав согласност од него за оваа моја постапка. Претпоставив дека ако го направам тоа, или сите, или најголемиот дел од нив, убедени во својата невиност и исправност ќе ме одбиеја и агонијата во земјата ќе продолжеше со години, заедно со сите можни негативни последици.
– Не навлегував во тоа дали е некој невин или виновен. Поаѓам од презумпцијата на невиност. Моја претпоставка е дека најголемиот дел не се виновни за тоа за што им е покрената кривична постапка, иако не можам да го потврдам тоа без судска одлука. Ова го мислам од причина, што стана јасно дека целта на некого е да ги заплетка политичарите и нивните блиски во кривични постапки и во страв и неизвесност, и притоа во една таква ситуација да остварува свои цели. Но, состојбата е таква, што чекајќи тие да си ја докажат својата невиност, можеме да ја доведеме во прашање иднината на државата. Република Македонија и нејзините граѓани немаат време за тоа.

– Најголемиот дел од прекините на постапките се во фаза кога само некому му е само поднесена кривична пријава, а воопшто не е покрената истрага или обвинение, или пак судски рочишта. Претпоставувам дека за голем дел од нив никогаш немаше да дојде до покренување на истрага или обвинение. Помал дел се такви каде е отворена истрага или обвинение, што исто така не значи дека се виновни. Само една од одлуките е амнестија за лице кое веќе е правосилно осудено, но со оглед што за сите други од тој случај се прекинува постапката, ценев дека е неправедно само тоа лице да отслужува казна. Само затоа што за разлика од другите во тој предмет го признал делото и се спогодил со обвинителството за висината на казната.

– Ако некого со оваа постапка го навредив, или на кој било начин го доведов во состојба да се чувствува непријатно, јавно му се извинувам и потенцирам дека немав кон никого лоша намера. Овој чекор го правам само за зачувување на државните и националните интереси, пред сѐ и над сѐ.

– Ако некого сум пропуштил и тоа го оценам во наредниот период, ќе го исправам пропустот. Доколку проценам дека некој сака со слични чекори, повторно да нѐ заплетка во вакво сценарио, не ја исклучувам можноста повторно да реагирам на идентичен начин.

– Дејствувањето на некои институции во изминатиот период кои треба да се само професионални, добива впечаток дека имаше призвук на политичка хајка и оттука, доколку и во иднина тоа го почувствувам, ќе дејствувам соодветно и ќе го направам истото.
– Убеден сум дека со оваа одлука правам крупен чекор кон меѓусебно помирување, и дека ова ќе помогне за една натамошна нормална, како во сите развиени држави политичка и демократска борба, заснована врз натпревар на идеи и резултати, а не на меѓусебно исцрпување и уништување, и особено не во функција на туѓи интереси и сили. Убеден сум дека со овој чекор им помагам и на меѓународните посредници кои имаат добри и чесни намери кон нашата земја. Пред сѐ во нивните напори за консолидација на политичката криза и придвижување на земјата кон натамошен напредок, реформи и реализација на стратешките планови за влез во НАТО и ЕУ.

– Можно е на краток рок и двете страни, или сите можни страни, да ме напаѓаат и да ме обвинуваат за овој чекор. Да ме обвинуваат со различни теории за заговор, или разни други обвинувања на моја сметка. Подготвен сум да се справам со тоа. Кога се нафатив со оваа функција, бев свесен дека таа носи и многу непријатности. Но, длабоко сум сигурен дека донесов исправна одлука.

На крајот ќе заклучам: Јас ова што ѝ се случува на Македонија не можам да го дозволам во мојот мандат. Ние не смееме тоа да го дозволиме како генерација. Ова што се случува во Македонија е сѐ, само не политика, ова е поголема игра, во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите, и не само политичарите, туку и академиците, професорите, лекарите, интелектуалците, бизнисмените, сите се под уцена и сите се заложници на оваа ситуација. Кризата ќе заврши кога ќе престанат сите да бидат заложници на страв, лична освета, гнев, омраза и поделби.

Потребен ни е процес на национално помирување. Доста беше Македонецот да оди против Македонецот. Ова го гледам како чекор во таа насока.

Кризата почнува да завршува од овој момент и посакувам да добие завршница со фер и демократски избори по сите стандарди. Легитимирани и признаени од меѓународните институции, и потоа државата помирена да продолжи да оди напред, оставајќи ги зад себе овие две мрачни години кои историјата ќе ги смета за црна дамка на нашата генерација.
Јас ја преземам оваа одговорност со полна верба и свесност за сите можни идни реакции од секого, и сум подготвен да ја бранам оваа одлука секаде и пред секого.“- истакна Иванов.