Трилатерална средба со претседателитe на Словенија и на Хрватска

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, и претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, кои на покана на претседателот Иванов престојуваат во работна посета на Република Македонија.

На средбата тројцата претседатели разменија мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, за мигрантската криза, како и за македонските европски и евроатлански интеграции и предизвиците со кои се соочува земјата на внатрешен план.

Претседателот Иванов ги информираше за состојбата на македонско – грчката граница и за инцидентот од 10 април, и истакна дека македонските безбедносни сили постапија брзо, професионално и соодветно на ситуацијата и дека Република Македонија и во иднина ќе ги почитува заклучоците на Европскиот совет за целосно затворање на Балканскиот коридор.

Претседателите Пахор и Китаровиќ го осудија инцидентот и се согласија дека мора да се спречат и да престанат обидите за илегална и насилна миграција. За таа цел, претседателот Иванов апелираше ЕУ да и помогне на Грција со цел да се затвори импровизираниот камп кај Идомени.

Македонскиот претседател се заблагодари за поддршката од Република Словенија и Република Хрватска и истакна дека Република Македонија и натаму има потреба од логистичка и техничка помош за справување со кризата.

На средбата беа разменети мислења и околу зголемените безбедносни ризици од мигрантската криза, при што тројцата претседатели се согласуваат дека е потребна засилена соработката меѓу земјите долж Балканскиот коридор на безбедносен план, и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.

На средбата беше разговарано и за политичката криза во земјава и потребата за нејзино што поскоро надминување. Претседателот Иванов ги информираше соговорниците за денешната одлука, мотивите за истата и целите кои верува дека ќе ги постигне.

Посетата на претседателите на Хрватска и Словенија е во согласност со еден од заклучоците од Брдо Бриони Процесот, според кој е потребна што пoбрза реализација на македонските интеграции во ЕУ и НАТО, и надминување на внатрешните предизвици, кои во голема мера се генерираат и се предизвикани од предолгата статус – кво состојба во евроинтеграциите на Република Македонија.

На трилатералната средба беа поздравени одличните политички односи меѓу Македонија, Словенија и Хрватска, и беа реафирмирани заложбите за продлабочување на соработката на билатерален и мултилатерален план, и во справувањето со сите актуелни предизвици.

????????????????????????????????????