Отворено 28-то издание на Меѓународниот саем на книгата

Во Метрополис арената синоќа свечено беше отворено 28-то издание на Меѓународниот саем на книгата, кој е една од најзначајните културни манифестации во земјава. На отворањето, на кое присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, присутните ги поздрави Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопскиот саем.

Директорката  Глигоровска  во своето обраќање истакна дека  Саемот на книгата веќе 28 години ги обединува домашните и странските изложувачи и љубителите на книгите, што е потврда за успешноста на оваа саемска манифестација.

На отворањето, на кое како модератор се појави Игор Џамбазов, од името на помладата генерација автори се обрати Сашо Димоски,  кој говореше за големото враќање на „именките“ како зборови, кои се од исклучително значење, а, пак, писателот Раде Силјан рече дека книгите го разубавуваат секојдневието и го разбиваат монотонието на луѓето.

Министерката за култура Канческа-Милевска во својата изјава потенцираше дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатиот период ја поддржаа  реализацијата на значајни капитални проекти од областа на издавачката дејност. Таа додаде дека од 2008 година па досега Министерството за култура го поддржа издавањето на  над 5 000 книги од сите жанрови на издавачките куќи од земјава, а двапати годишно се врши и откуп на книги во насока на збогатување на фондот на библиотеките со цел тие да бидат достапни за сите граѓани на Македонија.

На 28-от Саем  на книгата ќе се претстават повеќе од 70 издавачи од земјава и од регионот. Саемот на книгата,  една од најатрактивните саемски манифестации која традиционално привлекува голем број посетители, годинава се одржува од 12 до 18 април.