Министерот Јолевски еден од главните панелисти на годишната конференција „Миграциски текови, факти, фикција и политика“ во САД

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на покана на Фондацијата Бертелсман денес ќе учествува на 8та годишна Конференција на Фондацијата, “Migration Flows, Facts, Fictions and the politics in Between”, која се одржува во Вашингтон, САД.

Министерот Јолевски е еден од главните панелисти на темата „Надминување на границите: Барање стабилност во ера на глобално движење“, заедно со Медлин Олбрајт, претседател на Albright Stonebridge Group и поранешен државен секретар на САД, Дejвид Милибанд, претседател на Меѓународниот комитет за спас и поранешен државен секретар за надворешни работи на Британија и Рита Сушмут, поранешен претседател на Германскиот Бундестаг.

Конференцијата е организирана во соработка со Financial Times и е посветена на миграционите текови и улогата на политиката во справувањето со нив. Актуелноста на Конференцијата на фондацијата Бертелсман се потврдува со најголемата мигрантска криза на денешнината, која сведочи дека ефектите од конфликтите, екстремната сиромаштија и природните катастрофи ги надминуваат границите и имаат влијанија од регионални и светски размери.

Во рамките на неколкудневната посета на САД, министерот Јолевски во текот на вчерашниот ден оствари средба со заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Хојт Ји, како и со конгресменот Мајкл Тарнер. Воедно во следните денови министерот Јолевски ќе оствари повеќе средби со претставници на конгресот, сенатот, администрацијата и тинк-тенк заедницата.

Sredba-kongresmen-Turner1_cr