Заев: Македонија се крена, на 5-ти јуни избори нема да има!

Обраќање на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев

„Почитувани граѓани,

Македонијо,

Денеска, сите ние овде заедно, без разлика на политичка, национална или верска припадност, го креваме својот глас во име на демократијата и слободата: или Груевски или Македонија.

Сите знаат дека нема услови за слободни, фер и регуларни избори.

Избирачкиот список не е прочистен. Нема реформи во медиумите. Притисоците и мешањето на партијата и државата продолжуваат.

Во земјава е извршен државен удар, срушен е Уставот, погазени се законите.

Договорот од Пржино е погребан. Техничката влада ја укинаа со поништување на сите одлуки на министрите од опозицијата.

Никола Груевски и останатата корумпирана и криминална група прават се’ во обид да се заштитат од одговорноста за криминалот и корупцијата во изминатите години.

Оние коишто ја крадеа волјата на народот, коишто ги крадеа парите на граѓаните, брутално ја злоупотребуваа власта, ги погазија сите човекови и граѓански права, денеска порачуваат дека демократијата не живее овде, дека ја убиле.

Со директно урнисување на државните институции, помилувајќи се самите себе, со одбивање да се прочисти избирачки список и со рушење на Договорот од Пржино, подготвени се за уште една изборна кражба на волјата на граѓаните, на криминални избори.

Затоа се кријат позади лажниот патриотизам, измислувајќи непријатели онаму каде што ги нема, блокирајќи ги ЕУ интеграциите, рушејќи ги односите со меѓународната заедница и ја носат Македонија во изолација.

Денешната прес конференција на заштитникот на злосторничкото здружување, лицето Ѓорге Иванов, потврди дека овој човек не треба ниту ден повеќе да остане на позицијата на којашто е поставен по криминалните избори.

Граѓаните, коишто го бранат својот глас и бараат почитување на основните демократски права, еден човек – еден глас, велат Македонија пред се’.

Нема да дозволиме Никола Груевски и останатата корумпирана и криминална група да ја држи во заложништво иднината на Република Македонија и нејзините граѓани.

Во име на сите украдени, понижени, избркани, навредени граѓани, порачуваме дека демократијата, слободата и правдата живеат и ќе живеат во Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Никола Груевски ги направи изборите на 5-ти јуни невозможни.

Демократска Македонија порачува: на 5-ти јуни избори нема да има!

Битката за Македонија продолжува. Протестите се во тек и ќе се интензивираат.

На 25 годишнината од нашата независност, сите ние овде заедно ветуваме дека достоинствено ќе го одбраниме нашето најсвето право, право на демократија и слобода!

Денеска во еден глас, целиот демократски свет во земјава порачува:

Македонија се крена!

Да живее слободна и демократска Македонија!“-рече Заев.