Кривична пријава за поранешен директор на „Здравствен дом“ Охрид

Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Д. (47) и М.Н. (45), двајцата од Охрид.

Во 2013 и 2014 година, првопријавениот во својство на службено лице-директор на јавната установа ЈЗУ„Здравствен дом“-Охрид заедно со второпријавената, која во тој период била раководител за економски работи, со искористување на својата службена положба, вистинските интереси на службата ги заменале со свои лични интереси. Во текот на април и декември 2013 година, Здравствениот дом склучил договор и анекс договор со правен субјект од Охрид за набавка на канцелариски мебел во вкупен износ од 160.000,oo денари. Нарачаните четири плакари, четири работни бироа, една отворена полица за регистри, една полица за регистри и извршената репарација на постоечки плакар и мебел, биле изработени и со шест испратници/фактури како и со другата пропратна документација, биле предадени на Здравствениот дом како нарачател.

И покрај тоа, за приемот на канцеларискиот мебел не била изготвена потребна приемна писмена документација, испратниците не биле потпишани а канцеларискиот мебел со поединечно требовање не бил распределен во канцелариите на Здравствениот дом. Мебелот, од страна на второпријавената М.Н. како раководител на сметководство, свесно книговодствено не бил евидентиран како прием на основни средства туку заведен како други трошоци. Канцеларискиот мебел, воопшто не бил внесен во ЈЗУ„Здравствен дом“-Охрид туку однесен во непознат правец, највероватно на локација која ја определиле двајцата пријавени. Пописните комисии од ЈЗУ„Здравствен дом“-Охрид кои биле формирани за вршење на редовни годишни пописи во 2013 и 2014 година, порачаниот канцелариски мебел не го констатирале поради фактот што истиот од предходно не бил заведен и внесен во книговодствените евиденциите кои се воделе во установата како и не биле забележани-пронајдени на лице место. Пописните комисии воопшто не знаеле дека постои таква нарачка. На овај начин, пријавените М.Д. и М.Н. со присвојување на нарачаниот мебел, за себе или за друг овозможиле противправна имотна корист од 160.000,оо денари со што предизвикале штета на ЈЗУ„Здравствен дом“-Охрид.