Во рамките на годишната програма за работа на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, а по склучениот договор за работа помеѓу општина Охрид и изведувачот АС Сењак од Кичево, надлежните служби на општината деновиве отпочнаа со асфалтирање на повеќе пристапни улици и патишта во поширокото централно градско подрачје.
За прв пат асфалтиран е крак од улицата „Партизанска“, непосредно зад хотелските комплекси по крајбрежјето на Охридската ривиера во населбата „Охридати“.
Со поставувањето на асфалтот на крак од оваа улица ќе се надминат децениските проблеми на жителите што живеат и гравитираат на овој фреквентен потег од градот, но и проблемите на комерцијалните објекти што се наоѓаат на овој потег.
Асфалтирањето на овој потег се изведува во рамките на Програмата за асфалтирање на пристапни улици и патишта на територијата на Општина Охрид, а чини околу 640 000 денари, средства во целост обезбедени од буџетот на Општина Охрид.