Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу денеска присуствуваше на Консултативната дебата со донаторската заедница за изработка на сеопфатна Стратегија за образование за 2016-2020. Тој истакна дека при донесување на еден ваков значаен образоване проект, од исклучителна важност е добрата координираност со сите релевантни страни. За таа цел Министерството за образование и наука воспостави работни групи, кои ќе ги покријат прашањата за инклузивноста по сите основи, интеркултурното образование, обезбедувањето квалитет во образованието, ИТ образованието и поврзаноста со пазарот на труд, потенцираше Лутфиу.
„Предизвиците се големи, пристапот кон развивање на стратешки документи изминативе години претпоставува водење на процесот преку демонстрирање на сопственост, односно активно вклучување на сите релевантни страни- училишта, универзитети, општини, социјални партнери, бизнис заедница, НВОа, донаторски партнери, тоа е единствениот начин да се надминат идентификуваните предизвици согласно новите динамични потреби и мисијата на образовните системи во иднина“, речe Лутфиу.
Министерот посочи дека новиот стратешки документ ќе ја олесни работата на националните образовни институции, и ќе го олесни и планирањето на поддршката од страна на донаторската заедница.
„Во тој контекст Стратегијата за вработување на Република Македонија 2015-2020, како и новата Стратегија за образование 2016-2020, ќе претставуваат круцијални документи за искористување на ИПА 2 помошта во рамки на секторот, образование, вработување и социјални политики“, рече Лутфиу.
Лутфиу се заблагодари на Делегацијата на Европска унија во Скопје за искористување на можностите на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013, во чии рамки под Приоритетната оска 2: Образование и обука, се обезбеди проект за поддршка при подготовка на добро дизајнирани образовни политики.