Шефот на грчката диломатија, Никос Коѕиас, се сретна со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц. На вчерашната средба во Луксембург, каде Коѕиас од денеска учествува на Советот за надворешна политика на Европската Унија, тие разговарале за насоката во која се движат преговорите за името.
Како што информираа од грчкото министерство за надворешни работи, Коѕиас го информирал Нимиц за ставовите и за размислувањата на грчката влада околу спорот за името. Нимиц слушнал и за напредокот околу спроведувањето на мерките за градење доверба меѓу двете страни за засилување на меѓусебната доверба, тема на која се очекува да разговараат Коѕиас и министерот за надворешни работи на Македонија,Никола Попоски, на нивната билатерална средба на регионалниот самит за бегалската криза во Солун.
Посредникот, пак, од своја страна го известил Коѕиас за активностите што ги презема во рамки на преговарачкиот процес и за разговорите што ги имал изминатиов период околу прашањето за името.
Последната официјална преговарачка рунда меѓу двете страни беше во ноември 2014 година, а Нимиц последен пат го посети регионот во авсгуст истата година. Лани во април Нимиц имаше средба со Коѕиас во Њујорк и тоа беше последната официјална јавна активност околу спорот за името.
Нимиц во своето интервју за грчката телевизија „Скај“ истакна дека е разочаран од паузата која постои во спорот за името поради бегалската криза и внатрешните проблеми на двете држави и апелираше двете држави да извлечат заклучок од бегалската криза за тоа колку е неопходно да се најде решение за името. Посредникот најави реактивирање на преговарачкиот процес набргу по изборите во Македонија.
Извор: meta.mk