Откриени царински измами, запленети бунди, медицински производи, алкохолни пијалоци и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија 3 царински измами и повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани бунди од природно крзно, облека, медицински поризводи, восок за депилација, еротски стимулатори, фотоапарати и опрема, делови за возила и машини, алкохолни пијалоци и фалсификати.
Задржана е следната стока:

Акцизни производи

– 23 литри жестоки алкохолни пијалоци, откриени од страна на царински тимови од царинарница Гевгелија, при контрола на повеќе малопродажни и угостителски објекти на територијата на Гевгелија, Дојран, Струмица, Берово, Неготино и Кавадарци.

Во 5 одделни случаи, кај правни лица во Нов Дојран, Берово, Кавадарци и Неготино, пронајдени се вкупно 19 литри домашна ракија и 4 литри други алкохолни пијалоци (Узо, Мартини, Метакса, виски и текила), кои се нуделе на продажба а воопшто не биле означени со акцизни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет. Алкохолните пијалоци се привремено задржани а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Медицински производи, стимулатори и козметика

– 640 медицински игли, 5 инекциони раствори VELAKTIS 5ml, 27спреови ENDOMETROX 45 гр и 6 гелови STRONG FARMA GYN 500ml, откриени при контрола на бугарски автомобил управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 1.000 лепенки Herbal V Blue Patches за еротска стимулација, откриени при контрола на стока од испраќач од Словенија наменета за фирма од Штип, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Штип. Непријавените лепенки се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 80 килограми восок за депилација (80 кантички од 1 килограм), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавениот восок, пронајден во багажникот на возилото е привремено задржан, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Бунди од природно крзно и облека

– 8 бунди, 3 лисици и 1 наметка од природно крзно, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Возачот изјавил дека нема што да пријави за царинска контрола и дека патува за Белград, но при извршен преглед, во патни торби сместени во багажниот простор биле пронајдени 6 бунди од крзно од визон, во куфер сместен на задното седиште пронајдени се уште 2 бунди од крзно од лисица, а во најлонска кеса сместена позади совозачкото седиште 3 крзна од лисица и 1 наметка од крзно од лисица. Дополнително возачот приложил фактура за бундите од визон, на износ од 3.000 евра, додека за останатите крзна изјавил дека вредноста изнесува 600 евра. Непријавените производи се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за криумчарење.

– 500 детски капи, откриени при контрола на македонско патничко комбе управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените капи, пронајдени во најлонска кеса сместена помеѓу задните седишта на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 59 парчиња облека (тренерки и маици), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на куфер сопственост на американски државјанин кој допатувал со лет од Виена.

Автоделови и делови за машини

– 2 контролни табли за работни машини од марката Libeherr, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.. Контролните табли пронајдени во патна торба, сместена позади резервното тркало во багажникот на возилото, привремено се задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1 употребуван менувач за Fiat Punto, откриен при контрола на романски автомобил, управуван од албански државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавениот менувач пронајден во багажниот простор на возилото е привремено задржан, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Фотоапарати и опрема

– 1 фото-апарат марка Cannon, 3 објективи за фото-апарат марка Cannon, 5 камери и 3 двогледи, откриени при контрола на грчки автомобил управуван од грчки државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени помеѓу личните работи на патниците сместени во багажниот простор се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 278 детски колички на електричен погон со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на српски камион, натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Србија, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.

– 20 дисплеи за мобилни телефони со ознаки на заштитена трговска марка, откриени во царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на ДХЛ-брза пратка од испраќач од Кина, наменета за примач од Косово.

– 5 рачни часовници со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во царинската испостава Пошта Скопје при контрола на 4 пратки, од кои 2 од Холандија и 2 од Хонг Конг, наменети за физички лица од Скопје, Прилеп и Куманово.

Во сите три случаи производите се привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и согласно законските прописи Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Царински измами

Во текот на минатата недела се откриени 3 обиди за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Еден случај е откриенво царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, каде увозник од Скопје пријавил за увозно царинење инхалациски раствор, деклариран во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. При контрола на документите и стоката, царинските службеници утврдиле дека стоката треба да се распореди во друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 5% и стапка за ДДВ од 5%. Врз основа на ново утврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 97 илјади денари, а против увозник е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.

Два случаи се откриени во царинската испостава Гевгелија:

– Во првиот случај, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење водорастворливо ѓубриво – магнезиум сулфат, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При контрола на документите и стоката, царинските службеници се посомневале во правилното распоредување на стоката поради што биле земени мостри и испратени на испитување во Царинската лабораторија. Според резултатите од испитувањето, стоката требало да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18 %. Врз основа на ново утврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 34 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.

– Во вториот случај, увозник од Виница, во два наврати, пријавил за увозно царинење препарати за текстилна индустрија декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. Царинските службеници се посомневале во правилното распоредување на стоката, поради што била земена мостра и испратена за анализа во Царинската лабораторија. Според извршената анализа, било утврдено дека производот треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 6,5% и стапка за ДДВ од 18 %. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 22 илјади денари, а против увозникот е поведена прекршочна постапка со мандатна казна.