Писмена изјава на Претседателот Иванов

Писмена изјава на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

„Како што најавив во моето последно обраќање, а во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, во тек се консултации со правни експерти со цел изнаоѓање на можно правно решение.

Од досега извршените консултации со врвните правни експерти во државата, ве информирам дека не е изнајден правен основ за повлекување на одлуката. Консултациите продолжуваат во насока на изнаоѓање решение.

Ги повикувам и лидерите на политичките партии, потписници на Договорот од Пржино, и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и Законите на Република Македонија.

Јас како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и Законите на Република Македонија.

Во врска со протестите изјавувам дека никому не му е ускратено правото да искаже незадоволство или протест за која било одлука на која било државна институција. Но, во остварувањето на тоа право повикувам да не се нарушува јавниот ред и мир и да не се уништува приватниот и државниот имот.

Република Македонија се соочувала со предизвици и кризи, но секогаш изнаоѓала решенија преку дијалог во институциите водејќи се пред сѐ од интересот на граѓаните и државниот интерес.“- стои во писмената изјава.