Наумоски: Животниот простор на човекот на планетата Земја се повеќе се стеснува, се загрозува и загадува

„Планетата Земја е нашиот секојдневен дом независно дали ние се раѓаме, растеме, образоваме, работиме, се рекреираме или одмараме.“- вели во своето обраќање екологистот, дипломиран инжинер агроном и експерт по аграр и екологија, Лазо Наумоски.

„Животниот простор на човекот на планетата Земја се повеќе се стеснува, се загрозува и загадува ги губи основните својства за квалитетен простор за живеење и опстојување во една одредена животна средина. Колку повеќе човекот сакал да ја промени животната средина, толку повеќе ја обременува земјината топка со разновидни деградациони промени кои бараат брзо решавање односно санирање на негативните процеси во неа. Загадувањето на животната средина и загрозувањето на планетата Земја треба да се сфати како перманентен процес предизвикан претежно од антропогениот фактор кој со својата алчност настојува природните богатства до максимум да ги искористи за свои интереси. Човекот ги забележува убавите страни на природата од планетата Земја, сакајќи истите до максимум да ги искористи за свои лични интереси ја изменува природата во интерес на своите желби и потреби. Човекот со своето егоистичко дејствување врз земјата планета стана и нејзин најголем непријател. Најдобар пример за односот на човекот спрема Планетата Земја е случајот со ендемичната пастрмка од Охридското Езеро. Воведувањето на високи пловечки мрежи како риболовен алат во далечната 1986/87 година во изловувањето на пастрмката беше еднакво на чин на фрлање на атомска бомба во водите на Охридското езеро со далекусежни еколошки последици.“– додава Наумоски.