Започна одбележувањето на патрониот празник на ОУ „Христо Узунов“. Оваа година се одбележуваат 111 години од смртта на Христо Узунов.
„Од ова училиште имаат излезено голем број генерации кои што денеска значат нешто во ова општество, голем број квалитетни кадри кои што можеби во меѓународни рамки се пробиваат низ својот животен пат. Мене ми е драго, што во овој момент сум на чело на овој колектив кој што и тоа како изобилува со квалитетен кадар, кој што исто така во иднина ќе се трудиме да опстанеме на ова бреме кое не оптеретува.“- истакна директорот на училиштето, Тони Симоновски.
Во училишниот двор, покрај делегација на училиштето, предводена од директорот Симоновски, свежо цвеќе на бистата на Христо Узунов положија советниците при Советот на Општина Охрид, Јоне Станковски и Дејан Пановски, ветерани, како и ученици.
Од страна на директорот Симоновски, беа доделени награди за творбите на учениците од литературниот и ликовниот конкурс. Потоа, ученичката Викторија Пановска пред присутните одржа Историски час за ликот и делото на војводата Христо Узунов.
Во Спомен куќата на Христо Узунов историски час одржа кустосост Горан Митрески. По историскиот час, настапија Јана Петреска и Митко Георгиевски, ученици од Основното музичко училиште „Методи Патче“ .
Одбележувањето продолжува вечерва, во 18:30 со Изложба од ликовни педагози и детски ликовни творби и свечена приредба во 19:00 часот во Центарот за Култура „Григор Прличев“. Продолжува во недела со полагање на свежо цвеќе на бистата на Узунов во градскиот парк во 9:30 часот и одбележување кое ќе се случува на споменикот во с.Цер, Кичевско во 11 часот.
Активностите завршуваат со спортски натпревари во понеделник, во ОУ „Христо Узунов“.
WebOhrid