Кривична пријава за две лица од Скопје поради фалсификување пари

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување на пари “, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против И.К. (47) и И.В. (45) двајцата од Скопје.

Откако претходно прибавил лажни пари со намера да ги пушти во оптек како вистински, И.К. на 28 март оваа година во маркет во струшкото село Мислешево, употребил односно во промет пуштил лажна банкнота од 500 денари. Тој, на каса побарал да купи цигари „Ронхил“, за кои платил со лажна банкнота од 500 денари и 10 денари метални пари. По добивањето на кусур од 450 денари го напуштил маркетот. Откако одговорните во маркетот се посомневале во квалитет на банкнотата, настанот го пријавиле во полициската станица во Струга.

На 4-ти овој месец, при контрола на патничко моторно возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки, во кое се наоѓале двајцата пријавени, пронајдени се 51 фалсификувана банкнота од по 500 денари. Лажните пари биле пронајдени во ташната на првопријавениот И.К. по што се забележани и нотес со евиденција каде ги пуштал лажните пари во оптек и уште три банкноти од по 500 фалсификувани денари. Со преглед на фалсификуваните банкноти и со вештачење од Народна Банка на Република Македонија, докажано е дека банкнотите се фалсификувани и дека ги имаат истите карактеристики со фалсификуваната банкнота со серискиот број ВЕ1429767.

Контролата на патничкото моторно возило со кое се превезувале двајцата пријавени, е извршена на 4-ти овој месец во 16 часот и 15 минути на магистралниот пат Охрид-Кичево. По добиени оперативни информации за постоење основи на сомнение за превоз на фалсификувани пари, полициските службеници од полициската станица во Кичево, го сопреле патничкото моторно возило „Голф“ сопственост на ДПТ „Адријус“ ДОО-Скопје. По писмена наредба од Основен суд Кичево, извршен е претрес на лицата и возилото при што пронајдени и одземени се фалсификуваните банкноти како и другите предмети.