Награда за најдобар партнер на Стопанската комора на Република Македонија од државните институции за 2015 година доби денес Агенцијата за храна и ветеринарство од Стопанската комора на Македонија, во рамки на свеченото одбележување на 94 години од формирањето на Комората. Во име на Агенцијата, од првиот човек на Комората Бранко Азески, наградата ја прими директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.
Горд сум, рече директорот Поповски што Стопанската комора на Македонија ја одбра Агенцијата за храна и ветеринарство за најдобар партнер од државните институции. Минатата година со бизнис заедницата, вклучително и со членките на Стопанската комора како партнери, активно работевме на унапредување на бизнис климата во Република Македонија. Како институција вложуваме големи напори за одржување на постоечките и за освојување на нови пазари за пласман на македонските производи.
„И минатата година работевме многу на полето на едукацијата на компаниите. Во 2015 година акцент ставивме на едукација на компаниите за новиот Закон за безбедност на храната, односно на одредбите кои се однесуваат на новините во означувањето на производите, кои Европската унија почнаа да се применува од крајот на 2014 година“ – истакна тој.
Во соработка со бизнис заедницата организирана преку стопанските комори, додаде Поповски, одржавме серија работилници посветени на оваа проблематика, од кои најактивно со членките на Стопанската комора на Македонија и тоа во Скопје и во неколку градови во земјава.
„Минатата година активно работевме и на полето на едукација на операторите со храна за интензивирање на имплементацијата на ХАЦЦП во угостителските објекти и во некои други области“ – потенцира директорот Поповски.
Наградата за најдобар партнер на Стопанската комора на Република Македонија од државните институции, додаде тој, за Агенцијата е не само голема чест, туку и поттик за продлабочување на соработката со бизнис заедницата, во интерес на унапредување на прашањата кои се однесуваат на безбедноста на храната, здравствената заштита на животните, заштитата и унапредувањето на правата на потрошувачите и со сето ова водење на взаемна максимална грижа за заштитата на здравјето на граѓаните.
Во врска со актуелната состојба со појава на болеста Чвореста кожа кај говедата, директорот Поповски информира дека засега нема нови случаи на заболени животни. Постои сомнеж за појава на болеста во подрачје околу Демир Капија, но, тој не може да се потврди се додека не бидат готови лабораториските резултати од анализата на земените мостри.
Тој уште еднаш појасни дека болеста не се пренесува на луѓето.
Сточарите ќе добијат паричен надомест за штетите предизвикани од болеста.