Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со претставници од американската продукција „Weinstein Company“ и воедно продуценти на високобуџетската тв-серија „Марко Поло“, со кои разговараше за можностите за снимање филмски проекти во Република Македонија.
На средбата, на која беа присутни и директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска и Роберт Јазаџиски од Кавал филм продукција, гостите Ричард Шарки (Richard Sharkey) од Велика Британија и Џан Паоло Варани (Gian Paolo Varani) од Италија изразија подготвеност следната сезона на серијата „Марко Поло“, која е еден од најамбициозните проекти на Netflix, да ja снимаат токму во Република Македонија. Досега се снимени две сезони од по 10 епизоди кои раскажуваат за авантурите на Марко Поло, еден од најпознатите истражувачи во историјата. Снимањето се одвиваше во повеќе земји: Малезија, Унгарија, Словачка и Казахстан, a седиштето на проектот e во Малезија во студиото „Pinewood malesia studios“.
На средбата министерката за култура информираше за заложбите на Владата на Република Македонија во областа на филмската дејност и за измените на Законот за филмска дејност со кои значително е олеснета соработката со странските продукциски куќи кои се заинтересирани да снимаат во Република Македонија.
Од американската продукција изјавија дека проектот е се уште во фаза на подготовка и пишување на сценарија за новите 10 епизоди од третата сезона на оваа високобуџетска серија, како и барање на соодветни локации на кои ќе се одвива снимањето, поради што се уште не можат со сигурност да потврдат колку би траело снимањето во Македонија.
За време на престојот, гостите од „Weinstein Company“ посетија повеќе локации и локалитети, меѓу кои Кокино, Куклице, Пенуш кај Штип, Мариово, манастирот Трескавец и други, со цел да се запознаат со локациските потенцијали и природните ресурси што ги поседува Република Македонија за снимање вакви големи филмски проекти.