Промоција на планот за заштита на старото градско јадро

Во Куќата на Уранија, денеска беше промовирана Студијата за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид. На промоцијата на која присуствуваа и Катерина Џоубел од збратимениот град Каен од Франција и Ивана Димитровска од Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) ,присутните ги поздрави претседателката на Советот на Општина Охрид Гордана Коњановска.

„Овој проект е дел од програмата за децентрализирана соработка меѓу француската област Нормандија, Република Македонија и Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) . Особено не радува што Општина Охрид, во соработка со партнерот, збратимениот град Каен од Нормандија и Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј, го имплементира овој важен проект. Со промоцијата на предлог- планот на Студијата за интегрирана заштита на старото градско јадро и маркетинг стратегијата, се прави крупен исчекор за валоризација, заштита и промоција на културното наследство и негова одржливост.Свесни сме дека огромното културно наследство во старото градско јадро, кое го оставале цивилизаците пред нас мора да се заштитува, но тоа не е едноставна и евтина работа. Токму затоа е потребен интегриран пристап и користење на искуства од други средини, со што овој процес ќе биде покоординиран и поефикасен“– рече Гордана Коњановска, претседател на Советот на општина Охрид.

Plan_zastita_staro_gradsko_jadro_4853

Студијата за интегрираната заштита на старото градско јадро ја промовираше Горан Патчев, архитект- конзерватор во Завод и Музеј кој рече дека таа е севкупност од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство во животот на заедницата како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестициската изградба, заштитата на животната средина и природата.

„Изработка на планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид ,во поголем дел е финансирана преку заеднички проект со соработката со збратимениот град Каен од Нормандија, во Франција со чии претставници од областа на заштитата на културното наследство беа реализирани средби со размена на знаења и искуства. Во рамките на проектот се финансира изработка на студија (план) за заштита на старо градско јадро , која е изработена од страна на консултантската компанија „ Таргет Комуникации“ од Скопје“– рече Горан Патчев.

Дел од планот е и маркетинг- стратегијата за одржливост на старото градско јадро на Охрид, која треба да обезбеди низа предлози и проверени практики за економска валоризација, како бенефит од презентацијата на богатото културно наследство.

Plan_zastita_staro_gradsko_jadro_4851