Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во киното „Милениум“ присуствуваше на скопската премиера на играниот филм „Лазар“, по сценарио и во режија на Светозар Ристовски, која се одржа во рамките на 19. издание на „Скопски филмски фестивал“. Овој филм се прикажува премиерно во Скопје по неговата светска премиера во септември на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во филмот играат македонските актери Наташа Петровиќ и Дејан Лилиќ, како и актерите од Бугарија – Красимира Кузанова и Александар Сано.
„Сметам дека овој филм кој обработува една доста интересна и актуелна тема за илегалниот транспорт на мигранти и бегалци, и пред скопската публика ќе наиде на особен прием, а на режисерот Светозар Ристовски, кој го сними филмот по 11 години пауза од неговиот претходен филм „Илузија“, му посакувам многу успех на сите следни претставувања“ – истакна Канческа-Милевска.
Министерката за култура во изјавата за медиумите потсети на поддршката за развојот на филмската дејност во нашата земја што ја даваат во континуитет Владата на РМ и Министерството за култура во изминатите години. Таа најави дека оваа година се очекуваат пет или шест премиери на мнозински долгометражни играни филмови и уште пет на малцински копродукции. Исто така, веќе имавме една премиера на почетокот од годинава – филмот „Џган“ на Вардан Тозија.