На Плаошник отслужена света архиерејска Литургија за Велигден

Во најсветиот ден на Воскресението Христово, синоќа централната прослава во Дебарско-кичевската епархија на најголемиот празник за човештвото, се одржа во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, каде што беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Павел Крцоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

Покрај многубројните верници од Охрид и од цела Македонија, во Светиклиментовата обител, на најсветиот ден, присуствуваше и Претседателот на Собранието на Р. Македонија, Трајко Вељаноски.

По објавувањето на Христовото Воскресение, беше прочитано и посланието на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кое, заедно со сите членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, го испрати до сите верници.