Владина делегација положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев

По повод 113 годишнината од смртта на македонскиот великан и водач на македонската револуционерна борба за самостојност, Гоце Делчев, владина делегација предводена од претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска положи цвеќе во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

1331543331-1024x478

Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска на денешен ден во 1903 година во селото Баница, Серско.

Неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

13131772_1265089006848175_3839580839500921633_o-940x627