Јолевски – Бенко: Продолжува унапредувањето на соработката меѓу Македонија и Унгарија

Унапредувањето на соработката помеѓу Македонија и Унгарија, интензивирањето на заедничката обука и вежби со припадниците на двете Армии, членството на Македонија во НАТО и предизвиците и потребите за интензивни контакти во однос на мигрантската криза беа темите на кои денеска во Министерството за одбрана разговараа министерот Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Унгарија, генералот Тимор Бенко.

„Република Македонија во Унгарија гледа искрен пријател и поддржувач, особено кога станува збор за исполнување на стратегиските цели на државата, членството во НАТО и Европската Унија“, истакна министерот Јолевски на средбата. Тој дополни дека е исклучително задоволен од билатералната одбранбена соработка, што вклучува и интензивните средби на највисоко ниво. Во тој контекст, министерот Јолевски ја отвори можноста за користење на центрите во Македонија, армискиот полигон Криволак, Воената академија, НАТО – Центарот за односи со јавноста, Военомедицинскиот центар и Центарот за обука на пилоти.

Во однос на предизвиците од мигрантската криза, министерот изрази благодарност за поддршката која Македонија ја добива од Унгарија, како и за подготвеноста за утврдување на заедничка сеопфатна и координирана стратегија, што за Македонија претставува единствениот излез од оваа криза која го зафати континентот.

Генералот Бенко, на средбата која е во рамките на посетата на Македонија, посочи дека Унгарија и нејзините вооружени сили се подготвени за уште поголемо интензивирање на соработката со Армијата на Република Македонија.

„Благодарни сме на Македонија, на македонската армија и на Mинистерството за одбрана за сè што направија досега, вклучувајки го и справувањето со мигрантската криза. Ние ќе продолжиме да бидеме искрени поддржувачи на Армијата, и на Република Македонија, на патот кон полноправно членство во НАТО. За нас е многу важна стабилноста на Западен Балкан. Позицијата на Унгарија, која впрочем е и иницијатор на неформалната група земји на земјите од Западниот Балкан кои претендираат да бидат членки на НАТО, отсекогаш била дека Република Македонија одамна го заслужи местото како полноправен член на Алијансата“, додаде генералот Бенко на средбата.

DSC_9908_resize