Ден на ДРИМ: Сме создавале и создаваме – проклетството да се биде чекор пред времето

Прогласувањето на 5. Мај за Ден на реката Дрим е идеја и одлука на Дрим Кор Групата која како симболика ги има петте земји кои го делат Дримскиот Басен, но и петте прсти на една рака кои симболизираат заедништво и еден организам и координација. Овогодинешното одбележување се одржува во сите пет држави во ист ден како порака за цврста решеност за обезбедување на заштитата на водените ресурси и квалитетното управување со целокупниот слив. Сливот на реката Дрим е еден од најкомплексните организми и неговото заедничко управување е еден од најголемите предизвици кои сме го имале досега. Со цел да се создадат механизми и атмосфера за заедничко управување, Глобалниот Еколошки Фонд поддржа заеднички Дримски проект кој преку реализација на компонентите треба да ги постави основите на управувањето.

Првата цел на проектот е да се направи заедничка Трансгранична дијагностичка анализа на басенот која ќе ги покаже сите проблематични точки во Басенот и ќе ги утврди приоритетите за нивно решавање. Низ тој процес треба да се воспостават заеднички момниторинг систем и размена на податоци и потоа од тоа да се развие Заедничка визија и да се формираат заеднички тела за управување. Сето тоа во согласност со Европската директива за води. Паралелно со тоа ќе се изведат и неколку каталитички проекти кои дирекно ќе влијаат во менаџирањето на басенот како што се неопходниот Менаџмент план за сливот на Охридско Езеро и процесот за рано предупредување од поплави во дримскиот слив. Сето тоа секако проследено низ силно инволвирање на јавноста во процесите на управување и подигање на свеста за важноста на регионот. Проектот е планирано да трае 4 години после кој се планираат и следни активности за решавање на приоритетните прашања. Финансиран е од ГЕФ, преку УНДП, а задолжен за спроведување е Global water partnership со Координаторите во секоја од државите.

Во теоријата на еколошката психологија најважните елементи се нивото на адаптацијата, нивото на стимулација, теоријата на однесувањето и на интегрирањето во самата животна средина. Кога тоа би се пренело на нашето поднебје и ресурси прашањето кое сакам да го поставам е: Дали нашиот сон воопшто е визијата за вредностите кои ги имаме? Дали ние навистина си го сакаме природното и културното наследство? Дали можеби глумиме однесување заради потреба од адаптација и однесувањето? Ми изгледа дека степенот на покажување загриженост е правопропорционален со дневната потреба . Но овие теоретски замисли во еколошката психологија одговорот секако го бараат во практичното делување. Кога го прогласивме денот на Охридското Езеро 21 Јуни, самиот чин беше потценет . До ден денес тој Ден се прославува од страна на локалните самоуправи и е симбол за заедничка грижа за Езерото. Кога регионот Охрид Преспа доби историски статус на Биосферен резерват на УНЕСКО на 11 Јуни и тој успех остана речиси незабележан да не кажам игнориран. Психологијата на мометот не дозволи еколошката перцепција да ги победи другите моменти токму заради нивото на адаптација и однесување кое го имаме. Можеби и сето тоа било и заради фактот или пак проклетството дека секогаш сме биле чекор пред времето.

Но, ние сме создавале и создаваме. Еве создадовме и Ден на Дрим – 5 .Мај. И натаму ќе содаваме институционални капацитети и меѓународен интерес и поддршка за еколошките процеси и одржливиот развој. Затоа што борбата за здрава животна средина, здрави водни ресурси и развој на регионот базиран на неговите вистински вредности, не престанува. Напротив, ПОЧНУВА

Нека нашиот Dream биде и Дрим. Честит Ден.

Дејан Пановски, Координатор на ГЕФ Дрим Проектот