Изложба „Соочување со минатото – граѓанска храброст во тешки времиња“ во САД

Изложбата „Соочување со минатото – граѓанска храброст во тешки времиња“ на 6 мај ќе биде отворена во Вашингтон, а на 12 мај во Њујорк, САД. Публиката ќе има можност да види 34 фотографии и автентични материјали од времето на Втората светска војна. Изложбата е по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби.

„Изложбата има цел да ги претстави позитивните модели на соработка меѓу различните заедници, историските вредности, традициите и храброста за спасување на Евреите од Македонија во Втората светска војна “– рече Шехаби.

Тој додаде дека со овој проект се потврдува одличната соработка меѓу Министерството за култура и институциите од оваа област: Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Институтот за национална историја и еврејската заедница.

Оваа изложба, како што рече државниот секретар Шехаби, е само една од многуте кои се дел од Годишната програма на Министерството за култура за 2016 година од областа на меѓународната соработка.

Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците д-р Скендер Асани информира дека во тешките периоди, како во Втората светска војна, соработката меѓу Македонците и Албанците во спасувањето на Евреите била многу важна за времето во кое се случувало за да се спаси, како што рече, една популација која била пред ликвадиција. Тој додаде дека првата изложба ќе биде отворена во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, а втората во Културниот центар на Македонија, во надлежност на Министерството за култура.

Маја Суша, истражувач во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, информира дека во САД ќе го претстават она што е изработено во изминатите две години, заедно со Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје и Институтот за национална историја.

Таа рече дека освен истражувањата во Македонија, спровеле истражувања и во Албанија, во Државниот архив во Тирана, студиско патување во Израел, во Меморијалниот центар во Ерусалим.

„Успеавме да ја прикажеме соработката меѓу локалното население во Македонија во тешки времиња, се со цел да се спаси човечки живот. Станува збор за еврејската заедница во Република Македонија, која за време на Втората светска војна речиси целосно беше уништена или 98 отсто од еврејското население“ – рече Суша.

Според неа, нашите институции посветено работат за подобрување на нашата иднина и на претставување на сето она што заеднички сме го имале во минатото.