„Писма од земјата“ во недела на програмата на Фестивалот на монодрама во Битола

На 4 мај започна Фестивалот на монодрама во Битола. Фестивалот трае 7 дена, а вљубениците во театарот ќе имаат можност да погледнат 13 монодрами кои ќе се борат за престижната награда „Гран При”, како и неколку претстави кои ќе бидат изведени вон конкуренција.

На фестивалот учествуваат актери од повеќе земји меѓу кои Албанија, Србија, Македонија, Литванија, САД, Хрватска, Израел, Ерменија и Бугарија.

Престижната награда ќе ја додели интернационалното жири Нина Мазур, Иван Лео Лемо, Братислав Димитров, Билјана Крајчевска и претседателот Петар Темелковски. Фестивалот е во организација на Центар за култура Битола а со поддршка на Министерството за култура. Селектор на официјалната програма е Петар Мирчевски.

„Писма од земјата” на програма е во Недела, 8ми мај 2016 година.

„ПИСМА ОД ЗЕМЈАТА” е моно-спектакл или сатирична турболенција во која Никола Тодороски го толкува ликот на Лудиот Филозоф или едноставно кажано Будалата. Лик кој постои откако постои светот и е тука за да не соочи сите нас со најгорчливите сегменти на човековото постоење, корупција, административен поглед кон религијата, смрт, алчност за пари, цивилизацијата воопшто. Ние како пасивни гледачи или сеирџии сме приморани од страна на Будалата да вкусиме од горката чаша и така згрозени да плукнеме на се она што ни го грчи желудникот и не тера да се мрштиме, за потоа повторно со насмевка да го почувствуваме слаткиот вкус во нашата уста-овојпат знаејќи дека може да биде и полошо. Текстот е адаптирано сценарио според раскази на еден од врвните светски сатиричари Марк Твен. Ова е прв театарски проект на Никола од ваков тип во кој тој се јавува како главен лик и режисер, автор на сонговите и сценарист.

Poster Monodrama BT