Додека Европската унија се подготвува за клучните преговори за правилата кои ќе се применуваат за луѓето кои бараат заштита во Европа, УНИЦЕФ повикува да се даде поголем приоритет на интересите и правата на децата.
Во текот на следните денови, 28 земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент ќе започнат да го разгледуваат нацрт предлогот на Европската Комисија за реформа на таканаречената Регулатива од Даблин.
Со новите правила ќе се утврди која држава ќе ја има одговорноста да го разгледува барањето за меѓународна помош, кое било поднесено ширум ЕУ.
Дебатата се одвива сред бегалската и мигрантската криза со која се преплави постојниот процес за барање азил во Европа, и ги остави во очекување над 400,000 деца баратели на азил во Европа, во периодот помеѓу јануари и ноември 2015.
„Овие дискусии претставуваат можност за јакнење на основните заштитни механизми на кои имаат право децата кои бараат азил во Европа според меѓународното право.“ – рече Ноала Скинер, директор на канцеларијата на УНИЦЕФ во Брисел. „За да се обезбеди хуман, правичен и ефикасен заеднички систем за азил во Европа, приоритетот за заштита на децата мора да има централно место.“
Во рамки на овие чекори, УНИЦЕФ повикува на:
- Носење навремени одлуки за да се избегне изложување на децата на ризик: Согласно постојната Регулатива од Даблин, може да поминат 11 месеци помеѓу пристигнувањето на детето и неговиот трансфер до државата која ќе го разгледува барањето. Таквиот долготраен процес може да го попречи повторното обединување на семејството и детето да биде изложено на најразлични ризици. УНИЦЕФ препорачува тој рок да биде со траење од три месеци.
- Брзо споделување информации: Државите треба да обезбедат дека секое дете – независно дали е во придружба на член од семејството или не – за брзо време (во рок од 72 часа) добива информации за правото да бара меѓународна помош и како да пристапи до неа.
- Усогласена примена на начелото за „најдобри интереси“ за секое дете кое не е придружувано и е разделено. Тоа значи дека сите држави ги применуваат истите критериуми (како што се безбедноста и добросостојбата на детето) кога се разгледува нивната иднина. Ставовите и мислењата на детето треба да бидат слушнати во текот на процесот.
- На располагање да се стават повеќе ресурси и стручни лица за да постои сигурност дека веднаш се назначени старатели за адекватна заштита, водство и поддршка на непридружувано или разделено дете.
- Алтернативи на притворот обезбедени во заедницата: ниедно дете не треба да се држи во притвор додека чека да биде префрлено во друга држава, да се назначи старател или да се обезбеди сместување по мерка на детето. УНИЦЕФ повикува на алтернативи на притворот кои се обезбедуваат во заедницата, како за децата така и за нивните семејства кои бараат меѓународна заштита.