Ќе се реконструира стариот објект на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – ќе бидат променети покривот, електричните инсталации, водоводната мрежа и санитарните јазли. Библиотеката ќе добие и нов ентериер, соопшти денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при работната посета на НУБ.
Во јуни, кога ќе заврши првата фаза (санација на водоводна мрежа и сите санитарни јазли во стариот дел од НУБ), ќе биде објавен тендер за реконструкција на покривот, а потоа ќе следува третата фаза – целосно ентериерно уредување во стариот дел на НУБ, двете големи читални и административниот простор. За зафатите од првата фаза се наменети 5.200.000 денари, а за втората фаза (за покривот) се планирани околу 36 милиони денари.
Канческа-Милевска го посети Центарот за дигитализација каде со опремата набавена од Министерството за култура се дигитализира богатото книжно наследство, меѓу кои се ретки книги стари по неколку века. Се дигитализираат ракописи, музички нотни записи, архивски материјали, карти.. Меѓу најстарите документи што ги дигитализираше НУБ е Посниот триод од 13 век, а дигитализирани се и првите музички ракописи на композиторот Глигор Смокварски, урбанистички план на Битола од крај на 19 век итн.
„Набавена е целокупната опрема за дигитализација за НУБ, за библиотечниот материјал што таа го поседува и голем број архивски материјали. Досега од буџетот на Министерството за култура се издвоени околу 10 милиони денари.Опремата е многу важна и сигурна сум дека ќе резултира со успешен процес на дигитализација“, истакна Канческа-Милевска.
Директорот на НУБ Иван Заров рече дека со набавената опрема, Библиотеката веќе ги задоволува потребите на библиотечното работење и улогата како сервис за останатите културни институции во Македонија.
Во однос на дигитализацијата, рече дека таа е најтешка, најсложена и најбавна кај ретките и сакралните книги и кај ориенталните ракописи, кај старите музички ракописи, како што се византиските музички нотации, затоа што првин поминуваат фаза на конзервација. Поедноставен е процесот на дигитализација на поновите изданија.
„Досега се дигитализирани 195 ретки книги или над 900.000 страници. Заедно со Институтот „Сулејманија“ од Истанбул, ние имаме една од најбогатите збирки на Балканот на ориентални ракописи, тука спаѓаат персиски, старотурски, арапски, кои се целосно дигитализирани. Нивниот број надминува милион страници“, рече Заров.
Во оваа пригода Канческа-Милевска потсети и на капиталните издавачки проекти реализирани во соработка со НУБ (Ѕвезди на светската книжевност, 130 тома македонска книжевност на англиски и нивните антологиски прикази на шест јазици, Нобеловци – кои заинтересираните читатели може и да ги купат со изменувањето на Законот за библиотечна дејност.
Директорот Заров додаде дека се задоволни од продажбата на книгите, која почна на крајот на минатата година, и дека на Саемот на книгата во април биле купувани изданија од сите капитални едиции. Најави и дека во НУБ се планира Арт-кафе – место каде што читателите и интелектуалците ќе може да ги рзгледуваат книгите.