Годинешните „Мајски оперски вечери“ вклучуваат 15 настани, 10 за возрасна публика, а пет во придружната програма „Мали мајски оперски вечери“. Публиката покрај „Евгениј Онегин“ ќе има можност да ги чуе и оперите „Риголето“, „Хофманови приказни“, „Турандот“ и Вердиевата „Аида“ со која традиционално на 31 мај се затвораат „Мајските оперски вечери“ …
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Македонската опера и балет присуствуваше на премиера на операта „Евгениј Онегин“ на Петар Илич Чајковски, со која свечено беа отворени 44-тото издание на традиционалната манифестација „Мајски оперски вечери“.
Операта „Евгениј Онегин“ во режија на Дејан Пројковски на сцената на МОБ се поставува по пауза од 34 години. Диригент е Саша Николовски-Ѓумар, сценограф Валетин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а кореограф Олга Панго. Во улогата на Евгениј и Татјана настапија баритонот Иван Наумовски и гостинката од Украина, Тамара Клинкина, во улогата на Ленски настапи Домагој Доротиќ од Хрватско народно казалиште во Осиек, додека како Олга настапи Николина Јаневска.
Годинешните „Мајски оперски вечери“ вклучуваат 15 настани, 10 за возрасна публика, а пет во придружната програма „Мали мајски оперски вечери“. Публиката покрај „Евгениј Онегин“ ќе има можност да ги чуе и оперите „Риголето“, „Хофманови приказни“, „Турандот“ и Вердиевата „Аида“ со која традиционално на 31 мај се затвораат „Мајските оперски вечери“.
На програмата се и две балетски претстави: „Лебедово езеро“ и современиот балет „Заспаните убавици“. Освен оперските и балетски претстави, на програмата се и два концерта – на хорот од Белград „Вива вокс“ и гала-концерт под диригентство на Мориц Гнан од Германија, со солисти од Хрватска, Русија и САД. Малите мајски оперски вечери, наменети за најмладите, ќе се одржат од 15 до 29 мај, со пет претстави – премиера на операта за деца „Црвенкапа“, детските балети „Доктор Офболи“ и „Петар Пан“ и концертите на детскиот хор „Отрада“ од Русија и на детскиот хор на МОБ „Фалсето“.