Викендов повторно голем спортски настан во Охрид

ЈП „Билјанини Извори“ ги известува сите граѓани на Охрид, посетители, гости, сите љубители на ракометот и спортот дека на 13.05. (петок) и 14.05. (сабота) започнува долго очекуваниот Куп на Македонија во ракомет, Охрид 2016.

Натпреварите од Купот ќе се одиграат во вечерните часови со почеток од 17:30 и тоа петок (13.05.) Металург – Вардар Јуниор и 20:00 Охрид 2013 – Вардар и сабота (14.05.) во 17:30 големото финале, кој ќе го одлучи шампионот на купот на Македонија во ракомет, за 2016 година. Натпреварите ќе се одржат во Спортската Арена Билјанини Извори, влезот за полуфиналните натпревари – блок карта, во петок изнесува 50 денари, додека влезот за финалето изнесува 100 денари. Сите натпревари од овогодинешниот куп ќе бидат директно пренесувани на МРТВ.

ЈП „Билјанини Извори“ како долгогодишен партнер на спортот и ракометот, а имајќи го во предвид јавниот интерес на граѓаните на Охрид (промовирање на спортскиот развој кај помладата популација и развојот на спортскиот туризам) активно коорганизациски се вклучува во реализација на сите предвидени настани во престојните периоди во Охрид.

„Ја изразувам благодарноста што Охрид оваа година е домаќин на ракометниот Куп на Македонија. Овој настан е само продолжение на успешната низа од големи спортски настани од државен, регионален и европски ранг, на кои Охрид е домаќин изминатите три години. И овој пат ќе бидеме добри домаќини на финалистите на Купот на Македонија во ракомет. Што се однесува до делот на организацијата и подготвеноста на објектот каде ќе се одиграат натпреварите, со задоволство можам да кажам дека арената Билјанини извори е подготвена и овој пат да биде центар на спортската јавност, и ја користам оваа прилика да ги поканам сите граѓани на Охрид, сите граѓани на Македонија на 13 и 14 Мај да дојдат и да ги следат натпреварите на Купот на Македонија во ракомет, Охрид 2016 година.“ – изјави директорот на ЈП „Билјанини извори“, Ристе Мишев.

rakometen_kup_400