Во просторот за европски креативни индустрии „Склад“ во Софија се читаше поезија од Славе Ѓорго Димоски во рамките на петтата книжевна манифестација „Европска ноќ на литературата“. Во нејзината организација четврта година учествува Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.
Пред посетителите на „Склад“ беа читани стихови од збирката „Последните ракописи“ на Димоски, која од македонски на бугарски јазик ја преведе Роман Кисјов, а во Софија беше промовирана пред две недели. Стихови од поетската книга интерпретираа македонските актери Ѓорге Георгиев-Антика и Игор Дамјанов. Оваа година претставувањето на македонскиот автор беше придружено и со музика и привлече многубројна публика.
Годинава се читаше на 15 места т.н. „гнезда“ претставувани од културни центри, институти и амбасади на земји од ЕУ во бугарската престолнина. Во официјалниот каталог, во кој се претставени авторите и локациите, Република Македонија е наведена со уставното име и со логото на Министерството за култура.
Идејата на оваа манифестација е да се слави пишаниот збор од земјите на Европа кои партиципираат со свои автори чии дела се преведени на бугарски. Читателите треба да ги посетат 15-те места т.е. „гнезда“ каде што добиваат печати за присутност во каталогот и на крајот на програмата (која трае од 18 до 22 часот) оние што ќе соберат најмногу печати, ќе добијат награди – најчесто книги. Културно-информативниот центар на Република Македонија за награда ќе додели книги од авторот Славе Ѓорго Димоски.
Манифестацијата се одржува во уште десет бугарски градови, а во исто време и во над 70 градови во Европа. Покровител во сите нив е ЕУНИК – Европската асоцијација на културни институции.
Директорот на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров, посочи дека Центарот е четврта година во организацискиот одбор на „Европската ноќ на литературата“ во Бугарија.
„Културно-информативниот центар на Република Македонија веќе четврти пат учествува во организацијата, а првпат годинава се вклучија и амбасадите на Ирска, Данска, Романија, учествуваат културните центри на Португалија, Италија, на Шпанија, Чешка, Полска…Идејата е да се чита на необични места, се читаат домашни автори кои се преведени на бугарски јазик. Нашиот проект годинава, книгата на Славе Ѓорго Димоски, е помогнат од „Традуки“ – изјави Шутаров.
Лидер на проектот „Европска ноќ на литературата“ во Бугарија е Чешкиот културен центар во Софија.
Директорката на Центарот, Катерина Хуртаева, е задоволна од тоа што секоја година се зголемува бројот на публиката на овој настан и од вклучувањето на нови партнери во организацијата.
„Според мене, публиката доаѓа се повеќе, има многу млади. Кога почнавме во 2012 година луѓето беа скептични, велеа дека читањата нема да се интересни. Но секоја година имаме се повеќе партнери, повеќе држави се вклучуваат. Имаме стабилни партнери, како што е КИЦ на Република Македонија, партнер кој е со нас уште од почетокот“ – изјави Хуртаева.
Во организацијата на настанот учествува и Канцеларијата на Европската комисија во Софија, која секоја година презентира автор кој не е претставен од својата земја. Годинава тоа е писател од Малта.
Партнер во организацијата во Софија е и Фондацијата на книги за деца, а првпат оваа година манифестацијата е финансиски поддржана и од Општина Софија.
Во изминатите четири години на „Европската ноќ на литературата“, Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија го претстави творештвото на: Влада Урошевиќ, Ацо Шопов, Богомил Ѓузел и Лилјана Дирјан.