Спасов: 12 илјади евра за отворање приватни домови за стари лица

Десет нови приватни домови за стари лица ќе се отворат со помош на неповратни грантови од по 750 илјади денари обезбедени од државата. Вкупниот капацитет на домовите треба да биде од 400 до 500 легла, а ќе се отворат и педесетина нови работни места. Огласот за аплицирање е во тек.

„Во оваа прилика би сакал да ги известам сите заинтересирани кои размислуваат за отворање приватен дом за стари лица дека имаат можност да ја искористат новата мерка што ја воведе Владата. Станува збор за грант неповратни стредства во висина од 12 илјади евра за отворање приватен дом за стари лица,“ истакна заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на старскиот дом Вита Ве.

Појасни дека за годинава се обезбедени средства во висина од околу 7,4 милиони денари со кои ќе се отворат десет приватни домови за стари лица. Со тоа, рече, ќе се создадат дополнителни капацитети за 400 до 500 стари лица кои би се згрижиле во домовите и би се отвориле 40-50 нови работни места.

Тој ги повика сите заинтересирани да ги искористат можностите кои ги нуди Владата, а кои иницирале отворање поголем број домови за стари лица во изминатиот временски период, преку кои досега се отворени 17 домови за стари лица.

„Пред три години Владата даде поволности за изградба на стари лица како откуп на земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен, намалени такси за изградба на вакви објекти, поволни кредитни линии од Македонската банка за поддршка на развојот… и сега овие неповратни грантови во висина од 12 илјади евра, што дополнително ќе ги мотивира сите заинтересирани“, рече Спасов.

Информира дека досега на огласот имаат аплицирано над 10 заинтересирани лица со очекување бројката да се зголемува. На половина година, додаде, ќе се направи пресек на апликациите и сите кои ги исполнуваат условите ќе имаат можност да ги искористат средствата, а тоа се, како што рече, оние кои имаат квалитетен бизнис план, обезбеден објект или локација или имаат договор за закуп на објект. Старскиот дом треба да обезбеди згрижување на најмалку 40 лица и да отвори најмалку 4 работни места.

Старскиот дом кој го посети денеска Спасов, како што рече, има услови по сите стандарди и е успешен пример за приватен дом. Во него зе згрижени пеесеттина лица, а вработени се дваесеттина.

Сопственичката на домот Марика Величковска истакна дека тој е прва лиценцирана институција, која официјално функционира од 2007 година, а во 2012-13 бил надополнет со уште еден капацитет.

Отворањето нови домови со поволностите што ги нуди Владата рече таа, покрај тоа што ќе го зголеми бројот на згружувачки капацитети ќе придонесе и за подигнување на нивото на условите и конкуренцијата.