Промовирана кампањата „Не за нелегални алкохолни пијалоци“

Денес во Царинската управа на Република Македонија се одржа прес конференција која имаше за цел да се презентираат резултатите од контролите на акцизни добра во малопродажба, да се промовира спотот кој накратко сликовито ги презентира задачите на Царинската управа, како и да се промовира јавната кампања „Не за нелегални алкохолни пијалоци“, која е веќе започната со изработка и делење на флаери низ Македонија.

Една од задачите на Царинската управа е контрола на акцизите. Уште од 2010 година во надлежност на Царинската управа е целосното управување со акцизите при увоз и при внатрешен промет. Минатата година Царинската управа наплати 20,7 милијарди денари акциза, што е 15,4% повеќе од 2014 година.

Со цел да се одговори на оваа сериозна задача (управување со акцизите), постојано се подобруваат административните капацитети на Царинската управа. Формиран е нов Сектор за акцизи, променети се интерните акти во делот на овластувањата на царинските службеници и во последните 12 месеци се интензивираа контролите на акцизни добра во малопродажни објекти.

Од минатиот мај досега се извршени околу 500 контроли, при што се откриени 102 прекршоци и се запленети над 4000 литри алкохолни пијалоци, 14 килограми режан тутун и 140 кутии цигари.

Последните контроли беа извршени минатиот четврток и петок, кога при контрола на 25 објекти во повеќе градови во Македонија (Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Ресен и Демир Хисар) царинските службеници открија 3 случаи на нелегална продажба на алкохол.

Дел од запленетиот алкохол беше покажан на прес конференцијата.

Најбитните заклучоци од извршените контроли се следните:

– присутна е нелегална продажба на алкохол, на што укажува фактот на повеќе од 20% откриени неправилности кај контролираните субјекти;

– во малопродажните и угостителските објекти се продава нелегална ракија, која воопшто не е проверена од здравствен аспект;

– во повеќе случаи е откриено дека во амбалажа на реномирани производители во угостителски објекти се става и служи друга, нестандардно произведена ракија;

– јавноста воопшто не е свесна за последиците по здравјето од консумирање на здравствено неиспитани алкохолни пијалоци.

Со цел да се подобри ваквата состојба, односно да се подигне јавната свест за потенцијалниот ризик од консумирањето на нелегален алкохол, Царинската управа започна со спроведување на јавната кампања „Не за нелегални алкохолни пијалоци“, за што се изработени информативни брошури кои почнаа да се делат низ Македонија.

Во брошурите се укажува на причините зошто да не се купуваат и консумираат нелегални алкохолни пијалоци, кои причини се пред се здравствени.

Во брошурите се наведува зошто, каде и како се произведува и продава нелегален алкохол, кои се ризиците од консумирање, како да се препознае нелегално произведен алкохол и каде да се пријави нелегална продажба.

Во функција на успешна наплата на јавните приходи, обезбедување лојална конкуренција и еднакви услови за работа на сите производители и увозници на акцизни добра и заштита на крајните потрошувачи од потенцијално небезбедни и опасни по здравјето производи, Царинската управа ќе продолжи со спроведување на планските контроли на целата територија на Република Македонија и континуирано ќе продолжи со спроведување на оваа и слични јавни кампањи наменети за зголемување на јавната свест за последиците од користење на производи кои се нелегално присутни на пазарот.

14.04.2016 – Видео – За ваша заштита, за ваша безбедност, на ваша услуга [Видео]

Бошура