По археолошките истражувања, најпрвин беа извршени конзерваторски зафати на секторите со гробните места кои беа најмногу оштетени, а потоа се премина и на конзервација на помалку оштетените. За време на активностите, досега се конзервирани повеќе од 73 гробни места, кои целосно ќе бидат заштитени до крајот на овој месец …
Со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, во завршна фаза се активностите за конзервација и реставрација на Еврејските гробишта во Штип, со што овој значаен комплекс ќе биде ставен во функција на промоција на културното и историското наследство на еврејскиот народ во нашата држава.
По археолошките истражувања, најпрвин беа извршени конзерваторски зафати на секторите со гробните места кои беа најмногу оштетени, а потоа се премина и на конзервација на помалку оштетените. За време на активностите, досега се конзервирани повеќе од 73 гробни места, кои целосно ќе бидат заштитени до крајот на овој месец.
Активностите, кои ги спроведува Заводот за заштита на спомениците и музеј – Штип, се одвиваат врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Општина Штип и Министерството за култура на Република Македонија. Со Меморандумот, покрај комплетната конзервација и реставрација на Еврејските гробишта, веќе е изграден и патот кој води до овој локалитет. Еврејските гробишта во Штип датираат од 19 век, а практиката на погребување на ова место се одвивала до 1943 година.
Минатата година започна и реализацијата на проектот за преуредување на Еврејските гробишта во Битола во Меморијален парк на Евреите, со кој се дава придонес во заштитата на историското наследство на еврејската заедница која опстојувала во оваа околина повеќе од пет века.
Преку овие активности продолжува соработката меѓу Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадата на Државата Израел и единиците на локалната самоуправа што претставува неоспорен показател за континуиран адекватен третман на еврејската заедница во Македонија како нераскинлив дел од современото општествено живеење во нашата земја.