На 16 мај 2016 година во Министерството за одбрана на Република Македонија се одржа средба помеѓу Државната секретарка, Елизабета Чуповска Ристова, и Шефот на Канцеларијата за односи со јавност на Врховниот Командант на НАТО за Европа (SACEUR), полковник Ерик Блум.
Средбата се оствари во рамките на присуството на полк Блум, во својство на висок претставник и предавач од НАТО/ SHAPE, на меѓународниот курс кој го организира Регионалниот Центар за односи со јавност (PARC) од 16-20 мај 2016 година во Скопје. Полковникот Блум на средбата го потврди исклучителното значење на PARC и важноста што PARC е дел од мрежата на НАТО и партнерски центри. Регионалниот Центар за односи со јавност е единствениот центар во мрежата на НАТО и партнерски центри кој е исклучиво специјализиран за областа односи со јавност. Полковникот Блум го истакна значењето на PARC за НАТО, бидејќи придонесува за градењето на капацитетите за односи со јавност кои се се поактуелни и неопходни за интероперативност, транспарентност и ефикасност на севкупните напори насочени кон мирот и безбедноста. Полковникот Блум беше учесник и на Регионалната Конференција за односи со јавност која во декември 2015 се одржа во Скопје. Тој ја истакна потребата за долгорочна посветеност кон PARC, јакнење на свеста за важноста и промоција на овој Центар, инвестирање во развој на соодветно обучен персонал вклучително од подофицерскиот кадар и следење на најновите трендови, потврдувајќи целосна посветеност за поддршка на натамошниот развој и промоција на PARC. На средбата беа разменети видувања за можности за јакнење на капацитетите на PARC и беа договорени чекори за негово зајакнато промовирање во НАТО и партнерските земји.
Државната секретарка Чуповска Ристова се заблагодари за постојаната севкупна поддршка и ја потврди националната посветеност за натамошен развој на PARC преку обезбедување негова самоодржливост. Покрај одбранбените реформи и придонесот кон мировните операции, посветеноста кон зајакнат развој на PARC е уште една конкретна потврда за стратегиската определба на Република Македонија за станување дел од НАТО и Европската Унија.