На покана на проф. Јос Верховен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници од областа блатни екосистеми (Society of Wetland Scientists, European Chapter), претставници на Охрид ЅОЅ ќе учествуваат на 11-тата годишна конференција која се одржува од денес (17ти мај) до 20ти мај (петок), во Потсдам, Германија.
Овогодинешната тема на конференцијата е поврзаноста помеѓу блатните екосистеми и општеството. Ќе бидат опфатени повеќе аспекти на темата како: пренос на знаење, конфликти при конзервација (хармонизација на функцијата на блатните екосистеми и економските интереси) и реставрациски менаџмент (блатните екосистеми како средство за намалување на загадувањето на водата, емисија на стакленички гасови и загуба на биолошката разновидност).
Светското друштво на научници од областа блатни екосистеми повеќе од 30 години работи на поттикнување на научното истражување, образованието и управувањето со мочуриштата и брои преку 3000 членови во повеќе од 60 земји.
На последната конференција која се одржа во Блед, Словенија учество земаа 50 врвни научници од Европскиот континент. Меѓу нив признати биолози, екологисти и консулaтанти.
ОхридЅОЅ ќе има куса презентација на труд со наслов „Студенчишкото блато како интегрален дел од древното Охридско езеро: важен ресурс, вреден за заштита“ изработен од Надежда Апостолова, професор на Универзитетот во Валенсија. Трудот ја елаборира двојната важност на Студенчишкото блато- неговата важност само по себе, како уникатно природно живеалиште на реликтни растителни видови и неговата суштинска еколошка важност за екосистемот на Охридското езеро, особено како последно од мочуриштата во Охридскиот регион. Тоа е основата на која се темели потребата за итно обезбедување на негова формална и трајна заштита.
Учеството на ОхридSOS како претставник од Р.Македонија на оваа конференција е од огромно значење за афирмирање на регионот како плодно тло за научни истражувања, поттикнување на развој на научен туризам во регионот и подигнување на свеста за важноста на билошката разновидност и екосистемите и нужноста за интегрирана заштита на Охридско – Преспанскиот регион.