Бизнис форум: Има потенцијал за поголема соработка со Белгија

Индустријата, градежништвото, текстилот, земјоделството и услугите се потенцијалните сектори во кои македонската и белгиската економија можат да остварат долгорочна соработка.

Денеска над 40 компании од двете земји во Скопје преку директни средби имаат шанса да разменат искуства и идеи и да разговараат за идна соработка.

Форумот е во организација на Министерството за финансии, а учествуваат претставница на Федерацијата на белгиски комори, Стопанската комора на Антверпен, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, како и Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Самиот факт што форумот се одвива во времиња кога политичките турбуленции во Република Македонија се изразени е уште позначителен бидејќи покажува дека фокусот во секое време треба да остане на економијата, бидејќи само преку економијата можеме да креираме подобар живот на граѓаните на нашата земја и на двете земји и да ја развиеме долгорочно соработката меѓу Македонија и Белгија“, истакна на бизнис форумот вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој додаде дека македонско-белгиската соработка на економски план последниве години бележи нагорен тренд, дека во последните 10 години е двојно зголемена трговската размена која минатата година изнесуваше 197 милиони евра. Особено, како што рече, по влегувањето по влекувањето на Ван хол кој вчера отвори втора фабрика и кој соработува со над 300 македонски компании. Ставрески додаде оти потенцијалот за соработка е многу поголем и дека треба целосно да биде искористен.

„Постојат повеќе сектори што би можеле да бидат од интерес за белгиските инвеститори. Искуството од минатото покажува дека постојат добри услови за развој на индустријата за производство на автомобилски делови и електронски компоненти. Ван Хул ги искористи овие можности и денес произведува и извезува од Македонија меѓу 600 и 700 автобуси годишно,“ рече Ставрески и додаде дека поради поволната географска клима има голем потенцијал за земјоделство производство, произвдоство на храна и цвеќиња, текстилната индустрија која се докажа како доверлив партнер со традиција. Потенцијал, како што рече, има и соработката со тур-операторите за организирање посети на најпопуларните македонски туристички дестинации културни знаменитости и природни убавини, а значаен потенцијал има и во ИТ индустријата, градежништвото и други сектори.

Гувернерот на Антверпен Кети Беркс потенцира дека Македонија и Белгија имаат многу заеднички работи и дека тоа е добра вест и додаде оти Македонија последните години ги засили своите напори за привлекување странски инвестиции и благодарение на тоа присутни се белгиски компании во земјава што докажува дека Македонија го привлече нивното внимание.

Посочи дека Белгија како мала земја е глобално ориентирана за да може да опстои. Карактеристика за белгиската економија е што е доминатна услужната дејност, односно од вкупниот БДП 77 проценти е од услуги, а 22 проценти од индустријата во која доминираат хемиската, текстилната, нафтената, финансиската, хемиската, автомобилската…

Реформите кои Македонија ги направи последниве 10 години ги поздрави и Џон Ступ, претседател на Федерацијата на белгиски комори, кој рече дека тој процес продолжува и дека патот на просперитет е веќе поплочен. Според него, претстои возбудлива иднина на Македонија.

„Најдоброто што може да го направите е да инвестирате во други земји каде ви се нудат поволни услови. Првата причина да инвестирате во некоја земја е добра работна сила, добра деловна клима, како и ослободување од даноци за работењето во слободните економски зони“, рече Ступ.

Тој додаде дека во Македонија е од вчера и се чувствува сигурно.

„Првпат сум во Македонија. Политиката треба да и помогне на деловната заедница, а деловните луѓе да бидат тука и да имаат можности да се развиваат, да создаваат и да плаќаат даноци. Но прва задача на политичарите е да разберат што се се случува“, рече Ступ и додаде дека треба да се дојде на самото место, бидејќи кога сте илјадници километри подалеку не секогаш сте добро информирани што се случува на теренот.