Отворена изложба со дела од академик Глигор Чемерски

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, синоќа во преполниот салон на галеријата на Српската академија на науките и уметностите во Белград, Република Србија се обрати на отворањето на изложбата со дела од творештвото на еден од најзначајните современи македонски уметници, академик Глигор Чемерски, насловена „Настани и знаци на земјата македонска“.

Во присуство на голем број гости од општествениот и културниот живот на Република Србија, меѓу кои и српскиот министер за култура Иван Тасовац, академици од Српската и од Македонската академија на науките и уметностите, амбасадорката на Република Македонија во оваа земја Вера Јовановска Типко, екселенции и други почитувачи на ликовната уметност, Канческа-Милевска во своето обраќање пред присутните истакна дека иако академик Глигор Чемерски не е со нас, ја имаме привилегијата да уживаме во делата на овој голем уметник кој, со својата авангардност, со својот интелектуален и творечки капацитет, е единствена појава во македонската уметност.

„Оваа изложба е своевиден омаж на големиот Чемерски, на неговиот придонес во градењето на достоинството на македонската култура, на неговиот влог во прославувањето на македонската уметност низ сите светски меридијани и затоа како министер за култура на Република Македонија, би сакала да се поклонам пред творештвото на овој голем уметник, на овој корифеј на македонската култура“ – истакна пред присутните министерката за култура. Таа подвлече дека изложбата е сублимат на неговите креации, на она што тој се трудеше да го зачува во уметноста и во духот како нешто исцелително, како нешто што може да биде антипод на сите стравови и болки на денешницата.

„Оваа грандиозна изложба, зад чија реализација застанаа Министерството за култура на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, но и Српската академија на науките на уметностите, јасно говори за нашите заложби, за нашата подготвеност заеднички да ги промовираме и афирмираме вредностите кои ги поседуваме и кои се дел од европското и светското културно наследство“ – рече Канческа-Милевска, која изрази благодарност до САНУ и до претседателот Владимир Костиќ за нивниот ангажман и поддршката за реализацијата на оваа изложба, до министерот за култура Иван Тасовац за неговиот придонес во продлабочувањето на културните врски меѓу нашите две земји, до Амбасадата на РМ во Република Србија и амбасадорката Вера Јовановска Типко за помошта во реализацијата на овој проект, до галеријата Грал и до семејството на академик Чемерски.

На изложбата, за творештвото на академик Чемерски се осврнаа и претседателот на САНУ, академик Владимир Костиќ, кој истакна дека оваа изложба е во духот на космополитскиот став на институциите во оваа средина, убавината на уметничкиот израз да не остане во рамките на државата, и потпретседателот на МАНУ, академик Луан Старова.

За уметничките вредности на делата на Чемерски зборуваа и академиците Тодор Стевановиќ и Влада Урошевиќ. На изложбата „Настани и знаци на земјата македонска“ се презентирани 58 остварувања од 10 циклуси, а овие дела неодамна беа претставени и во Бугарската академија на науките, како и во Руската академија на науките и уметностите каде што академик Глигор Чемерски беше инаугуриран за почесен член.

Претставувањето на творештвото на академик Чемерски во Република Србија се реализира со поддршка од Министерството за култура како соработка меѓу Македонската и Српската академија на науките и уметностите. Изложбата во салонот на САНУ ќе биде достапна за посетителите до 19 јуни.