Попоски: Последните настани во Македонија се позитивни сигнали да се вратиме назад на ЕУ и НАТО агендата

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше богата работна агенда во седиштето на НАТО во Брисел, каде оствари билатерални средби со помошникот-државен секретар на САД за европски и евро-азиски прашања, Викторија Нуланд, како и со шефовите на дипломатиите на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, на Турција Мевљут Чавушоглу, на Унгарија Петер Сијарто на Грција Никос Коѕијас, како и со Даниел Митов шефот на дипломатијата на Бугарија.

По овие средби, шефот на македонската дипломатија учествуваше и на состанокот на Северно-атлантскиот совет на НАТО во рамки на земји-партиципиенти во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

По средбите со европските шефови на дипломатиите, министерот Попоски нагласи дека евро-атлантската агенда и домашните политички случувања биле главна тема во дискусиите.

„На денешните билатерални средби со моите колеги од САД, Германија, Унгарија, Турција, Грција и Бугарија раговаравме за нашата европска и евро-атлантска агенда. Аспирациите на Македонија се час поскоро да бидат остварени ветувањата што со години наназад ги имаме добиено од двата клуба за отпочнување на процесот на преговори со Европската унија и за членството во НАТО, што веќе подолго време се одложува. Во изминатиот период станавме на некој начин и жртва на дискусии што во определен временски рок ни ги оддалечуваат тие амбиции, односно го одложуваат периодот кога тоа може да се случи“, вели Попоски.

Според шефот на македонската дипломатија, заеднички заклучок со неговите соговорници бил дека последните случувања во Македонија биле охрабрување за земјите-членки во НАТО и на ЕУ.

„Тоа значи дека со позитивни сигнали да се вратиме назад на ЕУ и НАТО агендата и да упатиме потсетување дека многу работи се заборавени во однос на Република Македонија и стојат предолго во фиоките. Враќањето на кредибилитетот на овие два процеса со отпочнување на преговорите со ЕУ во прв ред, навистина би придонело многу и во релаксирање на домашните односи. Тоа е порака што ја споделивме и мислам дека повеќето од земјите-членки на НАТО ја разбираат важноста за стабилен Балкан и стабилен регион преку стабилна Македонија. Стабилна Македонија, пак, не може да има ако во подолг временски период се предизвикуваат непотребни ефекти и по безбедноста и по однос на дмеократските процеси што се случуваат и кои на крајот на денот мора да резултираат со спроведување на избори и израз на волјата на граѓаните на тие избори“, дециден е македонскиот министер.

Запрашан дали со Штајнмаер, Коѕијас, Нуланд, Сијарто и Митов разговарале за претераното директно вмешување на нивните држави и политичари во внатрешните случувања во Македонија, Никола Попоски напомена дека е логично да се очекува дека некои земји-членки на НАТО и на ЕУ од моментот кога сме кажале дека сакаме да бидеме членка дека ќе имаат интерес да влијаат во однос на процесите што се одвиваат.

Секако дека крајниот резултат зависи единствено од нас. Не може никој однадвор да ги управува процесите и да одлучува на местото на народот за тоа која владина коалиција ќе биде формирана и во кој правец ќе се одвиваат реформите. Тоа што е значајно е дека во изминатиот период некои од оние главни забелешки што се однесуваа пред се на можноста да имаме избори со единствена политичка опција се отстранети и конечно топката е на страната на оние што и ги побара тие избори, мислам на најголемата опозициска партија. И во тој контекст би требало да го гледаме натамошниот развој што во секој случај треба да не доведе во ситуација во која националните интереси ќе бидат на највисоко ниво“, вели Попоски.

Според министерот за надворешни рбаоти на Република Македонија, национален интерес на земјата „не е да се наоѓаат изговори зошто не ги водиме преговорите со ЕУ и зошто сме блокирани во НАТО“, туку, како што вели „да се врати кредибилитетот и да можеме да исчекориме посериозно и во преговори со ЕУ и кон членство во НАТО“. Сето ова, според Попоски ќе има стабилизрачки ефект на целиот регион.

Никола Попоски одговори негативно на прашањето дали некој од неговите денешни соговорници од висок ранг му навестиле испраќање на Специјален претставник од нивната држава, по принципот на Германија со Јоханес Хајндл. Според него, тоа не би било ниту решение за политичката криза.

„Не мислам дека бројот на претставници што ќе дојдат во Република Македонија е бројката што ќе даде решение на сите проблеми што ги имаме. Сите несогласувања на политички план треба да бидат надминати со македонски ресурси и со дијалог меѓу политичките фактори во Република Македонија. Никој од страна нема да може да ги реши тие предизвици и мислам дека единствениот начин за излез од оваа криза е преку наши решенија“, вели Попоски.

Шефот на македонската дипломатија е дециден дека „единствениот начин е преку дијалог на македонските политички фактори“ и напомена дека „не треба да очекуваме дека кој било ќе може да ни дојде и да ни даде добро решение што ќе може да ни ги реши нашите проблеми“.

„Премногу вклученост на наоѓање на решенија и пасивен однос на домашен терен не може во никој случај да биде добро. Тоа што ни е неопходно во моментов е да седнеме и ние да видиме каде ни се приоритетите, ние да си ги определиме и во тој правец да тргнеме напред. Во крајна линија, тоа ќе биде од интерес и на сите оние со кои разговаравме, бидејќи нивниот конечен интерес е стабилен Балкан, а стабилен Балкан оди преку стабилна Македонија“, заклучи Попоски.

На конференцијата на НАТО и земјите-партнери во рамки на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, Македонија ја потврди посветеноста на оваа и сите мисии на најголемата воено-политичка организација на светот во кои учествуваат и македонски претставници.

poposki1_2005_g111