Агенцијата за храна и ветеринарство обезбеди 50 илјади дози од вакцината против болеста Чвореста кожа кај говедата, за итна вакцинација на добитокот во 19 општини во Источна и Југоисточна Македонија (Демир Капија, Штип, Василево, Радовиш, Босилово, Делчево, Виница, Пехчево, Берово, Ново Село, Струмица, Валандово, Дојран, Македонска Каменица, Гевгелија, Кратово, Конче и Зрновци, Богданци). Со цел сузбивање и искоренување на болеста и намалување на ризикот од нејзино ширење, согласно подготвениот план, со вакцинацијата ќе бидат опфатени зоните под надзор и заштитните зони во општините каде има потврдени позитивни грла, како и во областите кои се граничат со овие зони.
Ветеринарните друштва кои имаат склучено договор со Агенцијата за храна и ветеринарство се носители на активностите за вакцинација и истите се веќе задолжени со вакцините. Дел од нив, денеска, под надзор на официјален ветеринар почнаа со вакцинација на добитокот против болеста Чвореста кожа.
Со вакцинацијата ќе бидат опфатени сите животни од видот говеда, без оглед на нивниот пол, возраст и месец на гравидност.Обезбедената количина вакцини е доволна со вакцинација да се покрие целата популација говеда во гореспоменатите региони и општини каде што е присутна болеста Чвореста кожа.