Ристовски: Досега набавени 100 интерактивни табли за училиштата

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски информираше дека се набавени уште 20 интерактивни табли кои во текот на месец јуни ќе бидат распределени во дваесет училишта.

Од почеток на проектот за опремување на училиштата со информатичко-комуникациска технологија кој што Владата и Министерството за образование и наука го почнаа пред две години, вкупно се набавени 100 смарт-табли и истите придонесуваат за модернизација на условите за настава и за дополнителен развој на ИКТ-вештините на учениците.

„Министерството за образование и наука со одлука на Владата се обврза секоја година да набавува интерактивни табли во вредност од три милиони денари за потребите на училиштата. Во изминатите две години реализиравме набавка на сто интерактивни табли за нов и современ пристап во изведувањето на наставата“, изјави Ристовски.

Распределбата на интерактивни табли секоја година се прави врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои се бројноста на учениците и недостигот на ваков вид технологија во училиштата.

Ристовски нагласи дека МОН ќе продолжи со нови набавки на интерактивни табли кои во иднина треба да ги заменат класичните табли, кредите и сунѓерите.