Од 27ми до 29ти мај во прекрасните предели на Општина Дебрца, на просторот од еколошката атракција Белчишко Блато во месноста „Сини Вирој“, Извидничкиот одред Пионер од Охрид организираше извиднички камп насловен како „Камп Дебрца 2016“.
На кампот учествуваа извидниците од ИО „Пионер“ од Охрид, извидниците од ИО „Феникс“ од Прилеп и ученици од ОУ „Дебрца“ од Белчишта.
Настанот претставува овогодишно заокружување на одлична соработка помеѓу извидничкиот одред „Пионер“ како здружение за неформално образование на децата, и ОУ „Дебрца“, институција за формално образование при Општина Дебрца.
Целта на кампот беше обединување на стекнатото знаење и споделување на идеи за создавање на заеднички подобар свет. Извидниците како креатори, кои што пред се својот труд го инвестираат во создавање на подобра иднина и овојпат пред своите врсници ги покажаа вештините за безбеден престој во природа, еколошката дисциплина, и сето тоа проткаено со долгочасовно другарување преку игра и забава.
„Резултатите и позитивните искуства веќе беа видливи при самото затварање на кампот каде што се поставија и следните заеднички чекори за отпочнување со активности на извидничка секција во Дебрца и повторување и проширување на кампот во следната година со помасовно учество на учениците од цела Општина Дебрца. Треба да се нагласи и дека настанот беше меѓу другите поддржан и од Сојузот на извидници на Македонија како и пријателите и извидници од Европската скаутска фондација кои што со сигурност ќе бидат горди на постигнатиот успех и реализираните активности.“– информираат од ИО „Пионер“ од Охрид.