Реализирана хуманитарната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Градскиот плоштад во Охрид денес пулсираше во ритамот на хуманоста, спортот, дружењето, здравјето и знаењето. Бројни посетители и учесници од сите возрасти, беа дел од хуманитарната спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“, која во организација на Црвен крст Охрид и во партнерство со Стоматолошкиот центар д-р Баткоски, се реализираше на Градскиот плоштад во Охрид и уживаа во разновидните спортско-рекреативни, здравствено-едукативни и културно-забавни содржини.

Главната трка го означи стартот на оваа акција, за потоа младите да го изразат својот спортски дух натпреварувајќи се во фудбал, баскет, бадминтон, пикадо, шах, прецизно возење велосипед, скокање јаже, вртење хулахоп. Своја промоција имаа и ракометната школа на Кире Лазаров и на Вардар, а своите вештини ги презентираа и членовите на таеквондо клубот Hwarang-ITF.

Најмладите и најкреативните беа дел од ликовното катче подготвено од страна на партнерот на акцијата Стоматолошкиот центар д-р Баткоски чии стручни тимови даваа совети за правилна нега и заштита на забите.

Забавниот дел од програмата беше резервиран за „распеаните рибарчиња“ и најмалите групи од Детската градинка „Јасна Ристеска“. Вистинско внимание и предизвик за младите беше КВИЗОТ НА ЗНАЕЊА на кој сите учесници со точно одговорени прашања од областа на здравјето на устата и забите и Движењето на Црвениот крст беа добитници на вредни награди.

Свое катче на градскиот плоштад имаа и младите од Центарот за развивање на животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид, како и програмата Детски час за приказни на англиски јазик.

Со свое учество акцијата ја поддржаа и членовите за Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“ и Здружението на граѓани со бубрежни заболувања „Нефрон“.

За вистинско и „здраво“ освежување на посетителите се погрижија од Ресторанот Виа Игнациа од Вевчани подготвувајќи природни овошни сокови-смути.

Овој настан ги привлече и највозрасните волонтери на Црвен крст Охрид што ја спроведуваат програмата за грижа за стари лица, кои воедно го одбележаа 1-ви октомври Меѓународниот ден на стари лица со промоција на програмата и дружење со корисниците на програмата. И кај нив не изостана спортскиот дух па се испробаа во практикување на вештини од СМЕА-ЈОГА, програма која се реализира во Црвен крст Охрид.

Црвен крст Охрид изразува благодарност до сите кои ја помогнаа, поддржаа и учествуваа во реализација на оваа акција и информира дека учесничките броеви за акцијата по цена од 30 денари, кои учествуваат во голема наградна игра со преку 50 вредни награди, ќе бидат во продажба до 20 октомври, а извлекувањето на наградите ќе се изврши на 21.10.2017 (сабота) во 18 ч., на телевизија ТВМ.

Средствата собрани од хуманитарната спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца.