Договор меѓу Македонија и Албанија за социјално осигурување

Од 1 јуни 2016 година стапува на сила Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Албанија за социјално осигурување.

Со примената на Договорот се регулира остварувањето на правата од осигурување за граѓаните на овие две држави и членовите на нивните семејства. Ова е современ европски договори со оглед на тоа што истиот се однесува на лица, а не на државјани на двете договорни страни и спаѓа во редот на таканаречените “отворени договори”. Договорот содржи одредби за права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување и здравствена заштита и осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест и друго.

Преку примената на договорот се овозможува усогласување на националните законодавства еднаков третман на лицата на кои се применува договорот, здравствена заштита, болест и мајчинство, собирање на периодите на осигурување, одредби за давања во натура кои произлегуваат од здравственото осигурување и заштита, парични давања и др.

Договорот за социјално осигурување се однесува за сите лица кои во Република Македонија или Република Албанија навршиле периоди на осигурување за остварување на право на самостојна старосна пензија кога лицето ги исполнува условите за право на давање-пензија според законодавството на едната држава договорничка. Исто така, овој Договор има и супсидијарна примена, бидејќи се уредува и право на сразмерно давање-пензија со собирање на периодите на осигурување и периодите на живеење во Република Албанија во текот на работниот век кога подносителот на барање не исполнува услови за самостојно давање според прописите на едната договорна страна.

Со текстот на Договорот се уредени одредби со кои се обезбедуваат работодавачите и работниците кои подлежат на законодавството на Република Македонија или Република Албанија да не се должни да плаќаат двојно осигурување според законодавството на двете држави по однос на истата работа што ја врши работникот. Исто така, се уредени правилата на осигурување на определени исклучоци, како што се испраќање на работници за вршење на работи од една во другата држава договорничка, продложување на деташмантот или друг меѓународен транспорт.

Да потсетиме дека Република Македонија досега како самостојна држава применува Договори за социјално осигурување со 21 држави и тоа: Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Белгија, Холандија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Австралија, Канада, Република Косово, Словачка Република и Република Албанија а во тек е постапка на ратификација на договори за социјално осигурување со Унгарија, Република Италија. Исто така, иницирано е склучување на Договор за социјално осигурување со Француската Република, Шпанија, Руската Федерација, Португалија и други држави.