Активна сабота за нашите интернационалци

Мајнц успеа минимално со 1:0 да го победи тимот на Баер Леверкузен. Николче Новески го одигра целиот натпревар за Мајнц, а заработи и жолт картон.

Вест Бромвич Албион победи со 2:1 на домашен терен против Свонси. Горан Попов иако ја „одлежа“ казната за црвениот картон и беше на клупата за резерви, сепак тренерот Стив Кларк не му даде шанса да влезе во игра.

Рапид Виена одигра 2:2 против Матерзбург каде Илчо Наумоски влезе како тактичка замена во 90 минута, а веќе во следната минута од судиското продолжение заработи и жолт картон.

Андерлехт го совлада со 1:0 Мехелен и Томе Пачовски кој бранеше на целиот натпревар. Зулте Варегем изгуби со 1:2 од Клуб Бриж. За тимот на Зулте Варегем не доби шанса Александар Трајковски кој беше на клупата за резерви, додека пак за Клуб Бриж, Иван Тричковски го одигра скоро целиот натпревар, беше заменет во 90 минута при резултат од 0:2, а неговиот тим прими гол една минута подоцна, во судиското продолжение.

Александар Лазевски го одигра целиот натпревар во кој Партизан во гости против Јагодина победи со 0:1.

Во Украина, тимот на Мартин Богатинов, Карпати изгуби со 1:2 од Черноморец. Богатинов бранеше на целиот натпревар. И тимот на Бесарт Ибраими, Металург Запорожје, загуби на домашен терен со 0:1 од Таврија.

Во Јапонија, Урава Редс победи со 1:0 против Нагоја Грампус. За екипата на Нагоја целиот натпревар го одигра Никола Јакимовски.

Алки го победи минимално со 1:0 тимот на Мирсад Јонуз, Неа Саламис. Ова беше дуел на Никола Глигоров против Арменд Алими, во кој и двајцата наши интернационалци го одиграа целиот натпревар.

WebOhrid