Кривична за две бугарски државјанки за “џебна кражба“

СВР-Скопје, Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција-Центар и Бит Пазар до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Е.С.Е (28) и А.Х.С. (28) бугарски државјанки, поради основано сомнение дека извршиле две кривични дела “џебна кражба“ предвидено и казниво по чл.235 ст.1 од КЗ на РМ при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 13.000 денари за што од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење од по осум дена.

Имено на 20-ти минатиот месец околу 11,00 часот, на бул. “Партизански Одреди“ поточно на автобуската постојка наспроти Градежниот факултет, горепријавените ја забележале оштетената како се качува во автобус на ЈСП број 22 кој се движел во правец кон Центар. Пријавените искористувајќи ја гужвата што се створила при качување во автобусот и невниманието на оштетената, се доближиле до истата и додека второпријавената се туркала во оштетената со цел да и го одвлече вниманието, првопријавената со протнување на раката во десниот џеб од јакната и го украла мобилниот телефон.

По извршувањето на првото кривично дело пријавените истиот ден околу 13,20 часот се упатиле на бул. “Мајка Тереза“ поточно на автобуската постојка пред Клиничкиот центар каде го извршиле второто кривично дело. Искористувајќи ја створената гужва на автобуската постојка тие се доближиле до оштетената која сакала да се качи во автобусот и повторно додека второпријавената се туркала во оштетената со цел да и го одвлече вниманието, првопријавената со протнување на раката во ташната што ја носела на левото рамо и украле еден женски паричник во кој имало пари и лични документи.

Веднаш по извршувањето на второто кривично дело на автобуската постојка кај Клиничкиот центар Мајка Тереза, пријавените биле забележани од страна на полициски службеници од ОИД-МД Центар и Бит Пазар по што истите се приведени во ПС ОН „Центар“. Со истите бил извршен разговор, а со потврда украдените предмети биле одземени и вратени се на оштетените.