Околу 500 млади невработени лица ќе добијат можност да се стекнат со практични знаења

Околу 500 млади невработени лица ќе добијат можност да се стекнат со практични знаења преку владината мерка за практиканство. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски денес на прес конференција го најавија новиот повик за оваа мерка, која што се реализира со средства обезбедени од Европската Унија односно од ИПА Програмата.

Ова е само една од мерките што беше воведена со цел намалување на невработеноста и намалување на невработеноста кај младите лица во Република Македонија.

Станува збор за мерка која што ја реализираме во изминатите неколку години и која што е насочена кон создавање прво работно искуство за младите лица до 29 години години, за оние со завршено средно и високо образование. Ова е одлична можност и за приватните компании, под поволни услови да ангажираат млади невработени лица, да ги обучат во нивните работни простории и да се стекнат со првото работно искуство. Оние кои што ќе покажат најдобар квалитет, најдобра посветеност да ги ангажираат и понатаму и да ги задржа на работа. Впрочем тоа и го говорат и бројките, потенцира Спасов и додаде дека во изминатите неколку години преку оваа мерка учествувале над 2.500 млади лица од кои што 1.590 се веќе во работен однос.

Како што потенцира, ова покажува дека голем број млади лица не само што добиле можност да го стекнат своето прво работно искуство, туку голем дел од нив, над 60 отсто се вработиле и во компаниите каде го стекнале искуството.

За оваа мерка, за оваа година имаме обезбедено буџет во износ од 9 милиони и 450 илјади денари, за вкупно финансирање на вкупно 500 млади лица за мерката практиканство, рече Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски рече дека оваа мерка е можност за младите лица да постигнат некој успех во практичната работа, односно да создадат работно искуство кое што е многу важно за понатаму во нивната работна кариера.

Ова е една можност преку тримесечна практична работа, која што е платена од страна на АВРМ да создадат работно искуство и дел од нив се надеваме дека по завршување на тримесечната практична работа ќе стекнат можност да бидат вработени во компаниите каде што се стекнале со искуството, рече тој.

Огласот е објавен денес, а ќе трае и во следните 20 дена. Доколку има потреба, истиот ќе биде продолжен. Поповски посочи дека за овој проект најчесто се јавуваат мали, средни и големи компании.