Италијански уметници ќе изведат македонски дела на концерт во Трст

Нацоски и пред две години, со поддршка од Министерството за култура со особен успех го одржа концертот „Седум песни од светлина и прав” во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре во Џенова, како дел од италијанско-македонската вечер посветена на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република …

Во палатата „Гопчевич“ при Градскиот музеј „Карло Шмидл“ во Трст, Италија, оперскиот пејач Благој Нацоски утревечер ќе организира концерт на кој реномирани италијански уметници ќе изведат дела на македонски јазик.

Концертот е насловен „Седум песни од светлина и прав” и се реализира со поддршка на Министерството за култура. Ќенастапат познатите италијански уметници: Луиџи Скифано (контратенор), Рафаеле Фео (тенор), Елена Бакјарело (кларинет), Константин Чобану (виолина), Џакомо Бјаџи (виолончело) и Џанлука Аскери (пијано).

– Делото „Седум песни од светлина и прав”, од еден од најреномираните италијански композитори Анџело Инглезе, претставува циклус од седум песни на македонскиот поет Никола Маџиров претворени во музика, и тоа за камерен состав: два гласа, кларинет, виолина, виолончело и пијано. Тоа е второ дело на Анџело Инглезе поврзано за Република Македонија. Неговата прва композиција беше изведена во 2011 година за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, на 24 мај, од страна на Нацоски, виолинистите Ана и Олег Кондратенко и диригентот Алесандро Д’Агостини, во Пантеонот воРим, информира Министерството за култира.

Нацоски и пред две години, со поддршка од Министерството за култура со особен успех го одржа концертот „Седум песни од светлина и прав” во монденскиот локалитет Санта Маргерита Лигуре во Џенова, како дел од италијанско-македонската вечер посветена на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република.

По концертот во Трст, Нацоски, како амбасадор на културата на Република Македонија, ќе одржи говор во салата „Алдо Моро“, во Италијанскиот парламент во Рим, на тема „Имиграција и култура”.