Прв ден од посетата на министерот Јолевски на САД – интензивни средби во Вашингтон

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски кој е во работна посета на САД, вчера оствари средби со сенаторот Том Котон, со поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Обама, генерал Џим Џонс, со советникот за безбедносна и одбранбена политика во Герман Маршал Фонд, Дерек Колет, а оствари средба и со претставници на американска компанија заинтересирана за инвестирање во наменска индустрија во Македонија и во полигонот Криволак.

На средбите министерот Јолевски ги информираше соговорниците за реформите во одбраната, за процесот на модернизација на АРМ кој се реализира согласно НАТО стандардите, за учеството на припадниците на АРМ во НАТО мисиите, за започнување на процесот за изработка на нова Стратегија за одбрана и Стратегиски преглед на одбраната, како и за учеството на АРМ на најголемата воена вежба Анаконда-16 која во моментов се одржува во Полска. Притоа ги презентираше аргументите зошто Македонија треба да добие покана за членство во НАТО и дека евроатлантските интеграциии се врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Соговорниците разговараа за претстојниот самит во Варшава и за значењето на политиката на отворени врати на НАТО.

Генералот Џонс, истакнувајќи дека во повеќе наврати ја посетил Македонија и дека на дело се уверил во квалитетот на припадниците на АРМ, истакна дека Македонија заслужува да ја добие заслужената покана за членство во НАТО.

Министерот Јолевски се осврна и на регионалната соработка и потребата земјите да соработуваат во борбата против тероризмот како глобален предизвик, а воедно информираше дека Република Македонија се пријави да биде домаќин на Командата на Штабот на СЕЕБРИГ.

На покана на Атлантскиот совет, Министерот Јолевски денес ќе учествува на конференција на тема „Иднината на проширувањето на НАТО и новите граници на европската безбедност“ во Вашингтон, САД.

На конференцијата ќе се дискутира за последните случувања во Европа/Источна Европа, како и за тоа како проширувањето на НАТО ќе има влијание на Европската безбедност.

Покрај министерот Јолевски на дебатите ќе учествуваат министрите за одбрана и за надворешни работи на Грузија, сегашни и поранешни функционери од администрацијата на САД, експерти од областа на одбранбената политика и безбедност, професори од универзитети во САД и претставници од тинк-тенк заедницата.