Три лица ги загубија животите во тешката сообраќајната незгода што вчера во 13 часот се случи на регионалниот пат Кичево-Демир Хисар во близина на селото Белица.
На лице место починале Реџеп М.(58), неговата сопруга Санија М. (47) и нивниот син Рејхан М. (25) сите од кичевското село Лисичани. Тие се наоѓале во патничко моторно возило марка „Фолксфаген Поло“ со кичевски регистарски таблици. Во сообраќајната незгода, со тешки телесни повреди се здобил Ф. И. (31) од Прилеп кој по укажаната медицинска помош во болницата во Кичево е префрлен во општата болница во Прилеп. Со полесни повреди се здобила Ј.К. (30) од Прилеп која по укажаната медицинска помош во болницата во Кичево е пуштена на домашно лекување. Таа, заедно со Ф.И. се наоѓале во патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со прилепски регистарски таблици.
Сообраќајната незгода се случила при разминување на патничко моторно возило марка „Мерцедес“ управувано од Ф.И. кое се движело во правец Битола-Кичево со возилото „Фолксфаген Поло“ управувано од сега починатиот Реџеп М. кое се движело од Кичево кон Битола и на критичното место во близина на селото Белица се случил судар со предниот лев дел од возилото „Мерцедес“ со предниот дел од возилото „Фолксфаген Поло“. Ова возило, од силината на ударот излетало на десната страна надвор од коловозот и се превртело на кров во одводен канал.
На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител од основниот суд во Кичево како и полициски екипи од полициска станица за безбедност во патниот сообраќај-Кичево.
За време на увидот, регионалниот пат Кичево-Демир Хисар беше запрен за сообраќај.